Работејќи со ученици уште од почетокот увидов дека оној заеднички метод на работа активен-наставник, ученик-слушател не е најдоброто нешто во училницата. Потребни беа промени. Размислував и се разбира што е најблиску до нив, што е забавно, а сепак може да биде и корисно- мотивирачки, што им недостасува на овие наши современи деца. Игра, беше одговорот - раскажува наставничката Кети Сталеска, како ја добила идејата за прирачникот.
Кои игри ви се омилени и што играте во слободното време? Кога наставничката Кети Сталеска на своите ученици им го поставила ова прашање, останала вчудоневидена од нивните оскудни одговори бидејќи таа цел ден можела да зборува за игрите што ги играла како дете. Токму ова ја натерало да вметне игра во наставата и часовите на учениците да им ги направи забавни и мотивирачки. Така всушност се родил нејзиниот прирачник „Учење преку игра“, наменет за подучување на ученици од училишна возраст со интересни методи.
- Децата родени во 21 век се деца кои полека но сигурно ја губат битката со детството. Некако прерано пораснуваат користејќи ги паметните телефони, компјутерите, таблетите, дружби преку социјалните мрежи. Родителите сè повеќе време поминуваат обавувајќи ги работните обрски, се тркаат со придонесот на материјални средства за подобра животна егзистенција, па последователно на тоа помалку време поминуваат со своите деца. Воспитувањето почесто е пасивно. Кога ние бевме деца по улиците се слушаше џагор, а денес тишина. Работејќи со ученици уште од почетокот увидов дека оној заеднички метод на работа активен-наставник, ученик-слушател не е најдоброто нешто во училницата. Потребни беа промени. Размислував и се разбира што е најблиску до нив, што е забавно, а сепак може да биде и корисно- мотивирачки, што им недостасува на овие наши современи деца. Игра, беше одговорот - раскажува Сталеска, како ја добила идејата за прирачникот.
Таа сакала повторно да го мотивира детето онакво како што треба да е на тие години, малку палаво, насмеано, задоволно, но и да ја поттикне неговата имагинација, да го мотивира развојот на апстрактно мислење, а сето тоа да ги задоволува целите кои треба да се постигнат според обврските кои ги има како наставник.
- Идејата почна да наоѓа примена во реализацијата на часовите, кои станаа забавни, интересни, мотивирачки и секој ученик без разлика на своите способоности/зрелост покажаа поголем интерес кон учењето и подобри резултати. „Ајде малку да си поиграме. Да учиме и играме“. -се речениците кои поттикнаа интерес кај сите ученици без исклучок, а на секој следен час кога ќе применевме некој од овие игровни методи, учениците беа сè
поуспешни и сè позаинтересирани да ги совладаат предвидените цели - вели таа.
Инаку нејзиниот прирачник содржи различни типови на игри, симболички, игри со улоги, логички, имагинативни, физички, социјални, практични, игри кои ги поттикнуваат когнитивните сознанија и придонесуваат кон интелктуален развој кај учениците. Тој е издаден во соработка со Министерство за култура и издавачката куќа Топер. “Од крукче во крукче”, “Танц со тоновите и нотите”, “Игра со боите”, “Буквата, буквата”, “Игра со асоцијација” се само дел од 25 -те образовни игри. Во прирачникот има и игри кои им помагаат на децата кои потешко ги усвоиле новите знаења. Таква е играта “Детектив и „лошко“ ”, преку која ученикот се оспособува да собира и одзема до 10 , да ги идентификува математичките знаци, да решава задачи.
Сталеска која е вработена како одделенски наставник во основното училиште „Рајко Жинзифов“ од Драчево, во објектот во населбата Пинтија, вели дека има работно искуство од 10 години. Прирачникот се создавал постепено од првата година кога почнала да работи. Таа како наставничка ги спроведува годишните и дневните планирања согласно програмите, но ја користи слободата во начинот на презентирање кој секој наставник ја има при усвојување или утврдување на некоја наставна цел.
- Се трудам часовите да бидат интересни и секој ученик да се пронајде и истакне во нешто сè со цел да се развие свесноста за различноста кај луѓето и истата да се почитува. На часот по математика може да се примени некоја куклена претства за да се објаснат некои математички поими или пак да излеземе во дворот и да скокаме од едно во друго кругче каде се напишани бројки и да решаваме математички задачи. Доколку се поврземе со светот и земјите со најдобри образовни системи ќе увидиме дека примената на играта е секојдневие. Кај нас во Македонија почна да се отстапува од класичните методи на работа и сè почесто почнуваат да се применуваат различни методи се со цел да се олесни восприемањето на нови информации кај училишните деца - завршува Сталеска.
Тие имаат и фан страница на Фејсбук каде секојдневно ги споделува искуствата:
https://www.facebook.com/ucenjeprekuigra/?fref=ts.