Стануваат во мугрите, или ги исклучуваат будилниците за да дремнат уште 15 минути? Или се ноќни птици, па во тој последниот дел од деноноќието завршувата најголем дел од своите обврски?! Дали станувањето рано наутро е навика на успешните луѓе?
На оваа тема разговараме со повеќе млади Македонци, мажи и жени, кои се успешни во своите професии. Свесно избравме сосема различни профили на луѓе, со сосема различни професии, за да видиме дали и тоа влијае на одговорот.
Д-р Петар Поповски, професор на Универзитетот „Алборг“, Данска
Сакам да работам и читам до доцна навечер
Јас сум ранобудник не по свој избор, туку затоа што децата треба да ги возам на училиште, инаку сакам да работам и читам до доцна навечер. Меѓу 8 и 16 сум на универзитетот, некое време поминувам и со фирмата која ја основав заедно со универзитетот. Попладнето сум со семејството, и после 21 часот повторно седнувам да работам. Одам на трчање или пешачење секој ден и го користам времето дури трчам/пешачам да слушам аудио-книги, обично од област на политика или економија. Наоѓам малку време да свирам пијано и да читам книги од македонски автори, посебно оние кои не се субвенционираат од министерството. Над 24 саати дневно ми требаат, веројатно уште неколку, од кои сигурно еден да работам на книгата со која доцнам неколку години.
Ели Пешева, директор за комуникации во „Њу момент“
Мразам рано станување, но секое работно утро станувам во 6.45 часот
Јас сум тип на жена на која никогаш не и досадно. Не се сеќавам дека некогаш сум била во ситуација да не знам што да правам со слободното време. Сметам дека луѓето кои се жалат дека им е здодевно, всушност се многу мрзеливи и некреативни. Добро сум организирана, добро го планирам времето и не сакам да негодувам дека часовите во денот не ми се доволни. Тоа е знак на деконцентрација од битните точки врзани со рокови, што секако мораат да бидат завршени.
Сакам нови предизвици кои ме тераат да се откривам и да ги проверувам моите можности, но понекогаш ако нешто ми трае предолго, или е заглавено во „статус кво“ ситуација, ми спласнува ентузијазмот и преминувам на нешто ново.
Во мојот ден имам три фиксни активности - попладневните часови посветени за моите девојчиња, вечерните муабети или гледањето филм со сопругот и утринското вежбање јога и медитација. Мразам рано станување, не сум утрински тип, но секое работно утро станувам во 6.45 кога децата се подготвуваат за училиште. Ја имам ултимативната слобода – можноста штом ги испратам, да се вратам во кревет и да читам или да искористам уште половина час спиење. Сакам многу да зборувам, но сум апсолутен верник во правилото дека првите часови од утрото треба да се одмолчат. Посветувам час и половина на јогата и појадокот и потоа сум во „Њу момент“.
Не сакам еднолични секојдневни обврски, сакам секој ден да ми биде различен, да се сретнувам со различни и интересни луѓе, да работиме на различни кампањи, да се обидуваме да си ги поместиме границите на креативноста и да се тркаме со себе и со светот, да немаме ограничувања. Си наоѓам исполнување создавајќи и дегустирајќи слатки во „О ла ла“, карактеристични за различни држави. Тоа ми е бегството од малите неправди и од несовршеноста на општеството. Понекогаш ако сум сама, додека го чекам семејството да се собере од дневните активности, пишувам или си ги тестирам шпанскиот и францускиот на мобилни апликации.
Жестоки теми на интерес ми се женската еманципација, едукацијата и рамноправноста на половите, а активист сум и за чист воздух, здрав живот и тука се моите обиди со луѓето со исти идеи и ставови да се бориме за праведно и модерно општество. Ја смирувам енергијата со барем половина час читање пред спиење, и најчесто не знам за што ќе се одлучам, бидејќи на мојата ноќна масичка имам по три книги, на различни јазици, со различни жанрови. Претпоставувам дека сум типична водолија, која бескрајно си ја сака слободата.
Коста Давид Петров, основач на @Pworld
И ќерка ми е ранобудник, исто како мене
Денот ми почнува околу 6 часот наутро. Во принцип сакам да имам време за себе секое утро пред да започнам со обврските. Тие десетина минути, самиот со себе и со кафето некогаш ми се единствените моменти кога навистина можам да си ги средам мислите и да размислам за обврските во текот на денот. Мојата ќерка е центарот на мојот живот. И таа е ранобудник. По појадокот околу 8 часот со сопругата ја носиме на училиште и двајцата имаме едно златно правило - дека без разлика на тоа колку обврски имаме на работа, секогаш треба да најдеме време да ја однесеме и земеме ќеркичката од училиште. Попладневните часови ми се резервирани за семејството.
Андреј Клинчаров, архитект и интернационален модел
Алармот ми ѕвони во 7 часот наутро. Се трудам веднаш да станам од кревет за да имам време да направам кафе и да завршам кратки домашни обврски. Но, не секогаш работите се одвиваат според планот. Доколку се пролонгира станувањето, тука е домашното милениче, мачката, која возбудено чека да и се сервира доручекот, а доколку тоа не се случи во краток период, самата таа се претвора во аларм и мјаука додека јас или мојата девојка не станеме. Кучето кога е со нас стрпливо чека да се разбудиме и да направиме многу кратка прошетка околу зграда. Се облекувам и средувам доста брзо, многу сум среќен што не морам да одам со автомобил на работа. Во летниот период го користам велосипедот, а во зимскиот, чизмите и топлата облека. Кафето го уживам во канцеларија или доколку сум на терен гледам од дома да си понесам солидна количина течности (главниот ритуал). Работниот ден проаѓа брзо затоа што секогаш имам доста обврски кои треба да се сработат. Според мене 24 часа се доволни доколку се направи добра организација на денот и распоред на сите обврски, и секако, ако се скрати малку од спиењето :).
Нина Ангеловска, извршен директор и коосновач на „Групер.мк“
Штом ќе заѕвони алармот јас сум на нозе
Брзината и добрата организација ми се можеби најважните карактеристики за да можам да постигнам сѐ што сакам и имам испланирано за денот. Па така и денот ми почнува во тој стил :) Само што ќе заѕвони алармот јас сум на нозе (без snooze), веднаш се расонувам, а најчесто станувам можеби со истата мисла и план што сум легнала. Вообичаено станувам во 8 часот, ставам кафе и додека се вари се туширам и спремам во 10-15 минути. Многу важен дел од денот ми е спортската активност, па ако е вторник или четврток денот ми почнува со спортска активност од каде црпам енергија т.е. 5 км. трчање, додека во понеделник, среда и петок ми завршува со спортска активност т.е. мултифукционален фитнес тренинг во „Фитнес револуција“, што ми претставува одличен начин за ослободување од било каква негативна енергија и полнење со позитивна.
Додека го пијам кафето го планирам денот и ги прелистувам обврските на дневната агенда. Потоа се впуштам во реализација и најчесто агендата ми е доста набиена, па немам речиси воопшто слободно време меѓу активности т.е. неиспланирано време во текот на денот. Кога ќе завршам со работа 6-7-8 часот (зависно од денот може и подоцна, а ретко порано :)) или одам на вежбање па се враќам на работа (од дома) или имам некоја друштвена активност.
Секако не сум машина, па понекогаш знам и да отстапам од рутините и плановите. :)