X
 24.11.2017 Живот

Изјави на Владимир Путин што ги подзамислуваат „противниците“


Владимир Путин слегува од авион
(Фото: Getty images)


Популист, прагматичен, авторитативен, итар тактичар – по години откако застана на врвот на руската политика, западните набљудувачи сè уште се прашуваат кои се вистинските намери на Владимир Путин. Прочитајте некои од неговите највпечатливи изјави за најважните светски прашања во минатите години.

За САД

„САД се голема сила. Веројатно единствена што денес постои. Ние го прифаќаме тоа и подготвени сме да соработуваме со нив. Она што не го сакаме е да ни се мешаат во внатрешните работи, да ни кажуваат како да го живееме својот живот и да ја спречуваат Европа да гради врски со нас“, јуни 2016.

За Каталонија

„Во еден момент Европската Унија го поздрави колапсот на цела низа држави во Европа, не трудејќи се да го скрие задоволството. Тоа го правеа поради краткорочни интереси и за да го задоволат Големиот брат во Вашингтон – безусловно поддржувајќи го отцепувањето на Косово, предизвикувајќи слични процеси на континентот и пошироко“, октомври 2017.

За НАТО

„Го нема веќе СССР, го нема Источниот блок. Сметам дека на НАТО му е потребен надворешен непријател за да го оправда своето постоење, па затоа константно е во потрага по него, за провокации и непостојни противници“, јуни 2017.

За Блискиот Исток

„Постоеше обид да се реформира регионот за да се наметне надворешен модел, или преку промена на режимот или преку целосно користење сила. Наместо да се борат против екстремизмот, наместо да наметнуваат таква борба, некои од нив сакаат хаосот да стане трајна состојба на работите“, октомври 2017.

За Северна Кореја

„Се разбира дека ги осудуваме нуклеарните тестирања на Северна Кореја и се согласуваме со сите безбедносни резолуции на Обединетите нации, без исклучоци. Но, за да се реши овој проблем, потребен е дијалог, а не воени закани и меѓусебно разменување на лоши зборови и навреди. Без оглед дали ви се допаѓа режимот во Пјонгјанг или не, мора да признаете дека Северна Кореја е суверена држава.“

За рушењето на Виктор Јанукович во Украина

„Она што се случи во Киев е вооружено и неуставно демонстрирање моќ – државен удар. Прашањето е зошто мораше така? Виктор Јанукович веќе се имаше откажано од својата моќ и немаше шанса повторно да биде избран на изборите. Зошто се туркаше земјата во хаос? За да се демонстрира моќ? Тоа беше глупава одлука и имаше повратен ефект. Сметам дека тие акции ја дестабилизираа ситуацијата на истокот од земјата“, март 2014.

За владата во Киев

„Интересите на рускиот и на украинскиот народ се исти. Она што не е исто се целите на украинската влада и на елитите. Имаат само едно нешто за извоз – русофобија. И политика на поделби помеѓу двете земји. Некои на Запад веруваат дека овие две држави никогаш не би требало да се сојузници, па Украина стана успешна во извозот на таа идеја“, јуни 2017.

За рускиот политички систем

„Монархијата беше наследство пренесено од империјата, па сè до советските времиња, иако плочата на зградата беше променета. Дури на почетокот на дваесеттите години се случија настани што го поставија темелот за нова фаза на рускиот развој. Секако, не можете да очекувате дека веднаш ќе добиеме ист државен модел каков што имаат САД, Германија, Франција... Општеството, како и секој друг жив организам, има свои фази и процеси на развој“, јуни 2017.

За улогата на Русија во светот

„Русија е земја која има вековна историја и секогаш играла важна улога во водењето на суверена надворешна политика. Таа традиција нема да ја изневериме ни денес. Истовремено, свесни сме колку светот се промени и имаме реални очекувања од можностите и потенцијалите што ги поседуваме. Би сакале да соработуваме со одговорни и независни партнери со кои би можеле да градиме фер и демократски свет во кој ќе понудиме безбедност и просперитет – не само за поединци, туку за сите“, февруари 2007.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот