X
 05.12.2017 Живот

Монструми во здолништа: Жени-чувари во нацистичките логори


Концентрационен логор
(Фото: Wikimedia Commons)


Се претпоставува дека од вкупно 55.000 стражари што служеле во нацистичките концентрациони логори околу 3.700 биле жени. За нив, животите, чувствата и страдањата на логорашите биле целосно ирелевантни, а бруталноста кон нив ја искажувале на разни начини.

Многумина и денес се прашуваат дали главната причина за нивната бруталност била вербата во исправноста на политиките на Хитлер или латентниот садизам, или пак и двете.

Доротеа Бинц


Во текот на Втората светска војна Доротеа била надзорничка во концентрациониот логор „Равенсбрик“.  Работела во разни делови од логорот, вклучително и во кујната, но подоцна била задолжена за одделот каде што затвореничките биле казнувани и измачувани, во што и самата учествувала. По завршувањето на војната, била погубена поради своите злосторства.

Грета Бузел

Грета Бузел, родена Милер, била квалификувана медицинска сестра. Во 1939 година била испратена во логорот „Равенсбрик“ каде што лично одлучувала кој ќе биде погубен во гасните комори, а кој ќе заврши во младинскиот работен логор „Укермарк“. Запаметена е по реченицата: „Ако не можат да работат, нека изгнијат“. По судењето, погубена е на 3 мај 1947 година, заедно со Елизабет Маршал, која со своите 60 години била најстарата погубена нацистка.

Алис Орловски

Алис работела во неколку озлогласени нацистички концентрациони логори во окупираната Полска за време на Втората светска војна. Додека била во логорот „Мајданек“, ја сметале за една од најсуровите надзорнички поради бруталните методи на мачење на затворениците. Пред крајот на војната нејзиното однесување драстично се изменило: станала похумана и им носела вода на жедните, па се шпекулирало дека тоа го правела бидејќи знаела дека ќе ѝ биде судено како на воен злосторник. Била осудена на доживотен затвор, но била ослободена една деценија подоцна.

Илза Кох

Илза Кох, сопруга на Ото Кох, командантот на концентрациониот логор „Бухенвалд“, останала запаметена како сопственик на сувенир изработен од кожата на убиените затвореници со карактеристични тетоважи. Била осудена на доживотен затвор по завршувањето на војната. Се обесила во женскиот затвор во Ајхах на 1 септември 1967 година.

Рут Најдек


Рут извршувала разни функции од јули 1944 до април 1945 година во логорот „Равенсбрик“. Своите претпоставени ги импресионирала со својата одлучност и бруталност кон затворениците и се сметала за една од најсуровите надзорнички. Била вклучена во изборот и егзекуцијата на повеќе од 5.000 жени и деца. Била осудена на смрт со бесење.

Марија Мандл


Марија била одговорна за смртта на околу 500.000 затвореници во „Аушвиц“. Кариерата ја почнала како чувар во „Лихтенбург“, заедно со уште 50 други жени. Од октомври 1942 година во „Аушвиц“ била на позиција веднаш под командантот на логорот, Рудолф Хес, што ѝ донело речиси апсолутна моќ. За две години испратила огромен број луѓе во гасните комори, вклучително и деца. Била обесена во јануари 1948 година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот