X
 11.12.2017 Наука

Два гена се поврзани со хомосексуалноста кај мажите

Животот не е едноставен и однесувањето не е само производ на самата природа. Некое време се верувало дека машката хомосексуалност има генска компонента, но сега првпат се открило дека две специфични варијации на гени се повообичаени кај хомосексуалните мажи, па се сугерира на генско влијание во сексуалната ориентираност.

фото извор: Shuttterstock

За вакво нешто се зборувало уште во 1993 година кога Дин Хамер го презентирал своето откритие за „хомосексуалниот ген“, односно регион во „Х“ хромозомот познат како „Xq28“. Исто така, сметал дека регион во хромозомот 8 може да игра слична улога.

Во 2014 година, во голема студија од Џ. Мајкл Бејли, се анализирала ДНК од 409 пара на геј-браќа, па се потврдиле откритијата на Хамер. Новата студија, пак, анализирала ДНК од 1.077 геј и 1.231 стрејт мажи. Го анализирале целосниот геном на секој учесник, барајќи варијации во ДНК-секвенциите. Една таква варијација била најчесто пронајдена во генот „SLITRK6“, што е на хромозомот 13 во регионот во мозокот, во кој се наоѓа хипоталамусот. Ова е интригантно бидејќи неврологот Сајмон Ле Веј во 1991 година открил дека хипоталамусот на хетеросексуалните мажи е речиси два пати поголем отколку кај хомосексуалните мажи. Ле Веј истакнал дека ова откритие е можеби потенцијална врска помеѓу невролошката анатомија и молекуларната генетика на сексуалната ориентација. Вториот ген, „TSHR“, произведува протеин рецептор, кој заедно со хормон ја стимулира тироидната жлезда, уште еден орган кој се смета дека е вклучен во ориентацијата.

Со оглед на комплексноста кај луѓето, се разбира дека присуството на овие две варијации на гените не значи дека мажот е хомосексуалец. Сепак, овие откритија, односно идентификацијата на двата гена е само дополнителна информација и доказ дека сексуалната ориентација не е животен избор.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука