X
 13.12.2017 Живот

Запознајте го човекот со совршена меморија

меморија

Запознајте го Џои Деграндис, човекот чија меморија може да се смета за совршена.

Дали некогаш сте посакале да ги запомните детаљите од одреден ден од вашето минато, меѓутоа, единствено сте можеле да изградите само ментална слика?

За Деграндис, целиот негов живот бил управуван од постојан прилив на сеќавања и експанзивно знаење. Тој првпат открил дека е различен уште како дете кога неговите родители сфатиле за неговата зголемена меморија.

Сепак, Деграндис никогаш не ја сметал неговата ментална способност како значајна, туку како трик што можел да го користи за да ги импресионира своите пријатели. Но сè се променило во 2010 година кога Деграндис, тогаш 26-годишен, гледал сегмент од емисијата „60 минути“ за луѓе со висока супериорна автобиографска меморија. Тој забележал многу сличности помеѓу себе и луѓето што се појавиле во емисијата, па одлучил да истражува, контактирајќи го докторот што ја проучувал состојбата.

Џејмс Мекгог бил професор по невробиологија и однесување на Универзитетот во Калифорнија - „Ирвин“. Тој го дијагностицирал првиот случај на автобиографска меморија кога една жена го контактирала поради нејзиниот проблем со меморијата. Мекгог се појавил во емисијата „60 минути“ за да зборува за неговите пронаоѓања.



По неговото гостување во емисијата, Мекгог добил повеќе од 600 е-пораки и телефонски повици од луѓето со ваква меморија. Еден од нив бил Деграндис.

И покрај многуте луѓе што го контактирале, Мекгог идентификувал само 60 од нив што ја имаат оваа состојба. Додека супериорната меморија има придобивки, таа исто така има и свои недостатоци. Меморијата не ја вклучува само чудната способност човек да се потсети на детаљите во неколку минути, туку тоа значи и дека кога нешто лошо ќе ѝ се случи на личноста, потешко е таа да го заборави настанот и да се ослободи од негативните чувства.

„Сметам дека имам среќа затоа што имам прилично добар живот, па затоа имам среќни и топли спомени на кои се сеќавам“, вели Деграндис. „Но имам тенденција потешко да ги доживувам болните случувања, како смрт на член на семејството или раскинување“, додава тој.

Но и личноста со оваа состојба може да заборави нечие име или каде ги оставила клучевите, бидејќи овде не станува збор за фотографската меморија.

„Нивните сеќавања се многу подетални и од нашите, траат подолг период“, вели Мекгог.

Од првата дијагноза на оваа состојба поминале 20 години, така што истражувачите сè уште имаат уште многу за да ја сфатат. Целосното разбирање на автобиографската меморија би можело да доведе до откритија во борбата против болестите поврзани со меморијата, како што е Алцхајмеровата болест.

„Иако знае да биде фрустрирачки, навистина е прекрасно да имате лесен пристап до убавите спомени. Се обидувам да не го земам тоа здраво за готово“, вели Деграндис.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот