Сите ние неколку пати сме си го поставиле прашањето: „Кога ќе заврши пандемијата?“ или „Кога ќе можам да продолжам со мојот живот?“
Одговорот на тие прашања би можел да биде: многу наскоро.
Расте довербата дека варијантата омикрон би можела да значи крај на пандемијата, барем во Обединетото Кралство.
Но, што е следно? Нема тукутака да исчезне вирусот. Наместо тоа, новиот збор на кој ќе треба да се навикнеме е „ендмичен“ - што значи дека ковид, без сомнение, е тука за да остане.
Фото: Freepik
Дали новата ера на ковид е навистина неизбежна и што всушност ќе значи тоа за нашите животи?
- Речиси сме таму, сега е почеток на крајот, барем во Обединетото Кралство. Мислам дека животот во 2022 година ќе се врати и ќе биде како пред пандемијата - вели професор Џулијан Хискокс, претседател за инфекции и глобално здравје на Универзитетот во Ливерпул.
Она што се менува е нашиот имунитет. Новиот коронавирус првпат се појави пред две години во Вухан, Кина, а ние бевме ранливи. Тоа беше сосема нов вирус што нашиот имунолошки систем го немаше доживеано претходно и немавме лекови или вакцини што би можеле да ни помогнат.
Ковид експлозивно се рашири низ светот, но овој „оган“ не може вечно да гори со таков висок интензитет.
Имаше две опции - или да го изгаснеме ковид, каков што беше случајот со еболата во Западна Африка, или ќе згасне полека, но ќе остане со нас долгорочно, па би се приклучил на рој ендемични болести како настинки, ХИВ, сипаници, маларија и туберкулоза - кои секогаш се тука.
Фото: Pixabay
За многумина, ова беше неизбежната судбина на вирусот што се шири низ воздухот уште пред да знаете дека сте болни.
- Ендемичноста е запишана во овој вирус - вели д-р Елизабета Гропели, виролог од Универзитетот „Сент Џорџ“, Лондон.
- Јас сум оптимист. Наскоро ќе бидеме во ситуација кога вирусот ќе циркулира, ќе се грижиме за луѓето изложени на ризик - вели таа.
Епидемиолозите, кои го проучуваат ширењето на болестите, сметаат дека една болест е ендемична кога нивоата се конзистентни и предвидливи - за разлика од брановите со кои се соочувавме во текот на пандемијата.
Единствено лошо би било ако нова варијанта го надмине омикрон и предизвика значително потешка болест.
Важно е да се запомни дека ендемичен не значи автоматски благ.
- Имаме доста убиствени болести кои ги сметаме за ендемични. Големите сипаници биле ендемични илјадници години и убиле една третина од луѓето што биле заразени. Маларијата е ендемична и предизвикува околу 600.000 смртни случаи годишно.
Но, веќе гледаме знаци дека ковид станува помалку смртоносен бидејќи нашите тела се запознаени со него.
Ќе има и луѓе, главно стари и ранливи, што ќе умрат од ендемичен ковид. Затоа, потребно е да се донесе одлука за тоа како да живееме заедно со оваа болест.
- Aко сте спремни да толерирате нула-смртни случаи од ковид, тогаш се соочувате со ограничувања, па нема да има крај - објаснува професорот Хискокс.
- Во лоша сезона на грип, 200-300 луѓе умираат дневно во текот на зимата, па никој не носи маски и не одржува физичка дистанца - додава тој.
Фото: Freepik
Заклучувањата и ограничувањата на масовни собири се минато, а масовното тестирање ќе заврши оваа година, предвидува тој.
Речиси е сигурно дека ќе има засилувачка вакцина за ранливите наесен, со цел да се надополни нивната заштита во текот на зимата.
- Треба да го прифатиме фактот дека нашата сезона на грип исто така ќе биде сезона на коронавирус, а тоа ќе биде предизвик за нас - вели д-р Гропели.
Сепак, сè уште е неизвесно колку лоши ќе бидат зимите.
Професор Рајли смета дека нема да има потреба да носиме маски по омикрон, но ќе станат почеста глетка како што и беа во делови од Азија, каде што луѓето избираат да ги носат на преполни места.
- Веројатното сценарио е дека животот нема да изгледа многу различно од оној во есента 2019 година, кога сите се вакциниравме против грип.
Додека Обединетото Кралство е пред поголемиот дел од светот поради комбинацијата на вакцини и голем број инфекции, планетата не е блиску до крајот на пандемијата.
Посиромашните земји и понатаму чекаат вакцини за најранливите луѓе. Во меѓувреме, земјите што одржуваат физичка дистанца имаат малку смртни случаи, но и помал имунитет меѓу популацијата.
Автор: Џејмс Галагер
Извор:
ВВС
Фото: Freepik