X
 25.05.2021 Наша тема

Кире Најдовски од локален скопски гитарски херој стана успешен музичар во САД

Не е лесно да се живее само од музика, но не е невозможно. Според мене, потребно е да изградиш добро име, да влезеш во добри кругови каде што твоето име ќе биде секогаш во првите за да те побараат. Зависи колку си отворен и спремен за разни понуди, а тука се подразбира и стилски колку познаваш музика

Кире Најдовски е доказ дека квалитетот и напорната работа секогаш испливуваат на површина. Овој скопски гитарист ѝ е добро познат на нашата публика по низа ноќни свирки и концерти во 90-тите години и почетокот на овој век, важејќи за еден од нашите најдобри свирачи на овој жичен инструмент. Тој само потврди дека и кај нас има светски инструменталисти, откако по преселбата во САД во 2006 година, каде што конкуренцијата е далеку пожестока, Кире не само што застана рамо до рамо со тамошните музичари туку и веќе изгради статус на врвен и баран рок-гитарист.
Доволно е да се каже дека на покана на легендарниот басист Били Шијан, Кире му се приклучи на бендот “Talas”, со кој веќе подготвува нов албум.
- Имам соработувано со многу музичари од овој регион. Првиот албум со моето трио се случи во 2015 година, а вториот албум го објавив лани во ноември. Од 2011 година сум член на “Al Chez & the Brothers of Funk Big Band”, со кој имам снимено два албума и свирено на многу настапи. Во исчекување сме на објавување на новиот студиски албум на “TALAS“ со легендарниот басист Били Шијан. Имам соработувано со многу проекти како најмен студиски музичар, вклучувајќи и една песна на која ритам-секција беа легендарните Стив Гед на тапани и Тони Левин на бас – вели Кире.



Татко ми е „виновникот“ што фатив гитара

Роден маџирмаалец, но самопрогласен како аеродромец, Кире од деветгодишна возраст е со гитарата в раце. Главен „виновник“ за тоа е неговиот татко, кој му покажувал неколку песни на почетокот, а гитарџиската конкуренција во домот ја вжештил постариот брат Саше, кој исто така е гитарист.
- Роден сум во Маџир Маало. До мојата деветта година живеевме таму, а потоа се преселивме во Аеродром, така што лично се сметам за аеродромец. Мојата музичка приказна почнува со гитарата кога имав само девет години. Тоа беше љубов на прв поглед. Можам слободно да кажам дека целата вина е на татко ми. Во меѓувреме брат ми почна да оди на оркестар и му купија акустична гитара од кај „Гиевски“. Мене тоа ме заинтригира многу, па татко ми почна да ми покажува и да ги свири своите омилени кантри-песни од вестерн-филмови. Инаку, прво нешто што научив да го свирам на гитара беше „Билјана платно белеше“, и тоа на една жица - додава Кире.



Прв бенд ми беше со брат ми како дуо

Иако нема целосно формално музичко образование, Кире многу лесно се снаоѓа во повеќе музички правци, а показател за тоа се различните бендови во кои има членувано. Сепак, почетоците му биле во рамките на семејниот бенд, заедно со брат му, а до заминувањето во САД има свирено во низа други познати наши групи.
- Прв бенд најверојатно би бил кога јас и брат ми Саше заедно свиревме како дуо на електрични гитари. Тогаш бев осмо одделение. Двајцата свиревме низ кафулињата во Аеродром. Тоа беше во периодот кога живите свирки стануваа многу актуелни и атрактивни низ градот. Немавме официјално име. Потоа се случи официјално и група од маало, односно “Cold Gin“ или „Ладен џин“, со која снимивме една оригинална песна - „Лоша навика” и имавме неколку успеси по тогашните топ-листи. Пред да дојдам во САД , со години свирев со најпознатата и најдобра кавер-група во тоа време – „Сешн селекшн“. Од 1996 бев член на „Ласт Експедишн“, буквално до последен ден пред моето заминување за САД. Бев член и на мултикултурниот проект „Ексик“. Во 2001 му се приклучив на „ДНО“, а многу кратко време бев и со „Нон Стоп“ - вели Кире.



Треба многу работа, труд и дисциплина

Од самото доаѓање во САД, Кире живее во градот Рочестер, во сојузната држава Њујорк. Тој веднаш тргнал во потрага по музички истомисленици, со цел да најде ангажман и да почне да работи како гитарист. САД имаат огромен музички пазар, но конкуренцијата за Кире е само предизвик, а и самиот вели дека таму има место за сите, само треба да се работи напорно.
- Од прв ден почнав да барам и да воспоставувам контакти за да запознам локални музичари и групи, со цел да најдам музички ангажмани. По неколку месеци веќе почнав да настапувам со локални кавер-бендови. Не е лесно да се живее само од музика, но не е невозможно. Според мене, потребно е да изградиш добро име, да влезеш во добри кругови кај што твоето име ќе биде секогаш во првите, за да те побараат. Зависи колку си отворен и спремен за разни понуди, а тука се подразбира стилски колку познаваш музика. Тоа ќе повлече студиски ангажмани, како и концертни, клупски итн. САД се огромен музички пазар и има место за сите. Треба многу работа, труд, добра карактерна особина и дисциплина - кажува Кире.



Сите сме желни за свирки и музика

Пандемијата ја стави на стенд-бај музичката индустрија, но Кире го искористува периодов за да му се посвети на својот авторски материјал, а притоа и натаму соработува со низа други музичари. Во САД се планира летово полека да се отвори работа за музичарите, за да свират во живо, што е и главната цел на Кире во претстојниов период.
- Позитивното нешто од оваа пандемија го гледам во фактот дека јас лично сто проценти бев насочен кон творење на своја оригинална музика и ништо друго, така што го завршив вториот соло-албум. Престанаа настапите, меѓутоа, мојата денска работа не престана. Соработките со други музичари не застанаа и често се случуваше некаква соработка помеѓу нас. Социјалните мрежи експлодираа од домашни видеа, разни соработки и комбинации на познати музичари. Полека закажуваат настапи на локално ниво, што се гледа како еден добар оптимистички момент, а и возбуда за претстојниот период. Има планови за снимања што треба да се случат. Сите сме желни за свирки и музика генерално – завршува Кире.


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема