Целта на додипломските студии по ветеринарна медицина е стекнување на високообразовната квалификација доктор по ветеринарна медицина, кој покрај грижата за здравјето на животните, игра значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално и растително потекло, вели Ксенија Илиевска, продекан за настава на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје
Тимот на Факултети.мк во пресрет на додипломските уписи на факултетите споделува информативни текстови чија цел е да им помогнат на студентите при изборот на нивната идна професија.
Ксенија Илиевска, продекан за настава на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, накратко ни објасни за додипломските студии на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје.
- Ветеринарната медицина е дел од медицината која се занимава со нарушувањата на здравјето и здравствената заштита на животните. Опсегот на ветеринарната медицина е широк бидејќи тука не спаѓаат само домашните животни (копитарите, говедата, овците, козите, свињите, месојадите – кучињата и мачките, питомите зајаци и живината), туку и ловниот дивеч, дивите животни воопшто (вклучувајќи ги и егзотичните животни во зоолошките градини), рибите и другите водни животни што служат за храна (особено тие што се одгледуваат вештачки – аквакултура), економски корисните инсекти (пчели, свилени буби), домашните миленици (кафезни птици, глодачи, аквариумски риби, влечуги), како и лабораториските животни (зајаци, глувци, стаорци, ’рчки, заморчиња итн.) - ни изјавува Ксенија.
Времетраење 6 години
Целта на додипломските студии по ветеринарна медицина е стекнување на високообразовната квалификација доктор по ветеринарна медицина, кој покрај грижата за здравјето на животните, игра значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално и растително потекло, поттикнувајќи ја довербата на потрошувачите, како и успешноста на сточарското производство, дополнува Ксенија Илиевска.
Професијата доктор по ветеринарна медицина (ДВМ) е една од регулираните професии во Европската Унија заедно со професиите лекар, стоматолог, фармацевт итн.
- Интегрираните студии од прв и втор циклус по ветеринарна медицина на Факултетот за ветеринарна медицина се со времетраење од 6 години, односно 12 семестри согласно директивите на ЕУ, како и препораките на ЕАЕВЕ (Европската асоцијација на ветеринарни високообразовни установи) преку кои се дефинирани и минималните стандарди за квалитетот на наставата. Во првите 3 години од студиумот, студентите ги изучуваат општообразовните и претклиничките дисциплини за постепено да се запознаваат со клиничките дисциплини и безбедност и квалитет на храната, кои ги изучуваат во повисоките години - ни објаснува таа.
Дипломираниот доктор по ветеринарна медицина се здобива со многу компетенции
Како што нѐ информира Илиевска, во последната шеста година има задолжителната клиничка пракса од областа на домашните миленици и фармските животни, во рамките на факултетот и надвор од него, како и пракса во претпријатија за производство на храна.
- По завршувањето на 12. семестар следува подготовка и одбрана на дипломски труд, во координација со менторот. Со завршувањето на академските студии на ФВМС, дипломираниот доктор по ветеринарна медицина се здобива со многу компетенции, согласно регулативите на ЕУ, и тоа: лекување на животните; решавање на проблематиката на ветеринарното јавно здравство; учество во заштита на човековата околина; изведување теренска, клиничка и лабораториска дијагностика; превентивно сузбивање на заразните болести и зоонозите; проектирање и учествување во изработка на програми за развивање и унапредување на дејноста на сточарското производство и производството на производи од животинско потекло и развивање на сите облици на заштита на животите и животната средина, негување на етиката и хуманиот однос кон животните - објаснува продеканката Илиевска.
Фото: Факултет за ветеринарна медицина - Скопје