X
 17.05.2024 Наша тема

Интервју со Стефан Николовски, актер: „Уметноста не познава граници, сите се смееме и плачеме на ист јазик“

Младиот актер и стендап-комичар Стефан Николовски од Велес стана вистински хит на социјалните мрежи креирајќи видеа во кои ги имитира најпознатите политичари. Тој е дел до новата генерација дипломирани актери на Факултетот за драмски уметности кои од мали нозе сонувале да бидат актери. По четири години откако петгодишниот Стефан ѝ кажал на наставничката во забавиште дека ќе стане актер, неговиот сон се остварил и го глумел малиот Орест во грчка драма на Фестивалот на античка драма во Стоби. Оттогаш адреналинот и тремата пред настап му се чувство кое не сака никогаш да го напушти. 

Имитаторството доаѓа подоцна откако сфатил дека треба да им се приближи на младите преку социјалните мрежи и со тоа да ги натера да го засакаат театарот. Доказ за овој успех е громогласниот аплауз од неговите велешани во театарот „Јордан. Х. К. Џинот“, каде што премиерно беше изведена претставата „Паника“ во режија на Александар Ивановски, а главните улоги ги толкуваа Стефан Николовски и Филип Христовски.



Кога почна да осознаваш дека те привлекува актерството?

- На четири или пет години. Почнав да го правам ова без да знам дека е професија и дека има име. Како дете гледав многу опасни филмови, како „Спајдермен“, „Бандите на Њујорк“ и ги имитирав ликовите. Моите дома сфатија дека нешто чудно се случува кога гледам филм и почнаа да ми даваат да гледам македонска и српска кинематографија. Почнав да ги имитирам македонските филмови и тогаш моите сфатија дека имам талент за нешто. Јас бев центар на забава со моите имитации на семејните средби и знаев дека ќе бидам актер уште на предучилишна возраст, кога на наставничката во забавиште ѝ кажав дека ќе станам актер.
Првпат на сцена застанав кога имав девет години, на Фестивалот на античка драма во Стоби. Играв во грчката претстава „Електра Перпетратор“, која траеше два часа. Јас бев малиот Орест, кој ја убива својата мајка Електра. Излегувам на сцена, јас, малиот Орест и легнувам во крвта на мајка ми. Во тој момент не знаев кој сум јас, кој е Орест и што правам тука. Но, кога излегов на сцената, буквално антички ја осетив магијата на оваа професија пред толку публика. Можеби не е случајно што сум застанал баш на антички театар. Го осетив тој шок и сфатив дека ми се допаѓа. Од тој момент станав зависен од тој адреналин. Мајк Тајсон еднаш рече: „Ако не ми е страв од нешто, не го ни правам“. Навлечен сум на тој страв и од тој момент ме нема напуштено истото чувство, истиот страв кога излегувам на сцена.

Што те привлече толку кај комедијата?

- Првично, моментот на фидбек од луѓето кога ќе се расположат затоа што јас зборувам нешто. Кога ќе насмеам некого, тоа ми е најголема сатисфакција. Можеби е егоистична особина, но моето его се храни со тоа што ќе ги насмеам другите. Подоцна сфатив што значи комедијата и дека е најтешката гранка во театарот. Само комедијата може да направи да не забележите дека се смеете сами на себе и на своите недостатоци. Те внесува во свет во кој се опушташ и го слушаш актерот. Но, кога подлабоко ќе размислиш што сум зборувал, ќе сфатиш дека многу е тажно тоа. Комедијата доаѓа од помината трагедија, а времето е лекот таа да стигне до комедија.



Од каде извира хуморот, се учи на Драмски или мора да е вроден?

-Мора да е вроден талент. Треба да имаш чувство да го забележиш смешното во трагичното. Како што вели Чаплин, животот е многу тажен кога го гледаш во близок кадар, а е многу смешен кога ќе го гледаш во широк кадар. Мислам дека целата уметност доаѓа од трагедија, вклучувајќи ги и древните цртежи по пештерите. Сѐ е тоа одраз на тага, уметноста доаѓа од мака или по мака.

Театарот е древна уметност. Ценет ли е во Македонија и на Балканот?

- Тоа е нешто каде што актерот остава дел од душата. Тоа е нешто на кое цената треба да му биде највисока во цел свет или да нема цена воопшто. Кога некој актер или пејач ќе ви подари гратис влезница, ви дава дел од душата. Колку и да е потценет, ќе постои. Поминал кризи, војни, ковид-пандемии. Постојат луѓе како нас што нема да дозволат да исчезне. Тој е чиста љубов и ништо повеќе од тоа. Аплаузот од публиката и стравот пред претстава немаат цена.

Што е театарот за тебе, можеш да го опишеш во една реченица или ќе ни треба повеќе хартија за тоа?

- Театарот прави многу за јазикот и културата. На 27 март објавив цитат: „Театарот е на првиот фронт во војната против заборав на јазикот, традицијата и културата, а актерите се во првите борбени редови кои се борат против тоа“. Со самото тоа што твориш на македонски јазик, придонесуваш за таа култура. Театарот ќе го има додека постоиме ние, а ќе постоиме веројатно уште долго.

Претставата „Паника“ имаше премиера во велешкиот театар, пред твоите велешани пред кои првпат играше. Какво е чувството?

- Емотивно, особено затоа што им се допадна претставата. Не заборавив од каде доаѓам. Работата ме влече за Скопје, но кога и да ѝ се поклонам на велешката публика, ќе ми доаѓаат солзи на очите бидејќи јас сум дел од Велес.



Дали стендапот е тежок за изведба, дали тремата е поголема кога треба да се насмее публиката?

- Ако е добра комедијата, тоа значи актерот играл 100 отсто. Кај комедијата не може да се лажира ништо. Ако дадеш 80 отсто, публиката веднаш ќе забележи и веднаш си на суд. Стендапот е нешто каде што си сам и на фронтот си без лик. Сите се дојдени да се насмеат, тој притисок е огромен. Јас нема да си дозволам да критикувам стендап-комичар бидејќи тој притисок најмногу ме уплашил во животот. Првиот стендап го направив на Питијада пред 3.500 луѓе и по настапот ми потече крв од носот од притисокот и возбудата. На театар ја чувствувам 50 отсто публиката и имам параван зад ликот кој го играм. На стендап 100 проценти чувствувам дали ти се допаднав или ти ја расипав вечерта.

Омилен актер или актерка и омилен филм и претстава?

- Чарли Чаплин и „Големиот диктатор“. Роуан Актинсон, Џек Николсон, Ди Каприо.... Ристо Шишков. Петре Прличко не можам да не го кажам, ќе го сонувам вечер дедо Петре, ќе ми се развика, срам да ти е, ќе рече. Од поновите генерации Никола Ристановски, Сашко Коцев и Атанас и Тино, тие ќе ме отепаат и на сон и на јаве ако не ги споменам. Претстава која ме фасцинираше во последните пет години беше „Фестен“ на мојата професорка Зоја во Драмски и „Чудна случка со кучето во ноќта“. „Пар распар“ на Нина Николиќ во „Комедија“ е најдоброто нешто направено досега, а Атанас и Тино се втурнати во ликовите докрај, препорачувам да ја гледате.

Зошто земја со толку квалитетни театарски претстави и актери нема филмска продукција?

- Филмот е премногу скап спорт. Србија е Холивуд на Балканот, таа помести граници. Кај нив од даноци за стримови и од ТВ-права за реемитување се издвојуваат пари за филмската индустрија и доаѓаме до тоа дека без државна поддршка е многу тешко. Не дека министерството не одвојува пари, но треба да почнеме да правиме квантитет, а потоа квалитет. Знам дека е начин на заработка нахсинхронизацијата на турските серии, но јас сакам нашите актери да ги гледам во филм, а не да ги слушам. Треба повеќе да живнат и комерцијалните содржини. Ние правиме филмови за да добиеме награда на фестивал, но тој потоа не може да се продаде. Ниту еден српски филм не добил „Оскар“, а имаат одлични филмови. Одличен е моментот кога ќе стигнеме таму, но треба многу повеќе комерцијални филмови кои ќе ѝ дадат простор на кинематографијата. Покојниот професор Горан Стефановски рече: „Од кога не сте виделе филм со приказна за човек кој се заљубил во жена и ја чека во Дебар Маало“. Ние се занимаваме со историја, а нема потреба.
Го прашале Драган Бјелогрлиќ кога ќе престанеме да се занимаваме со 90-тите, а тој рекол: „Веројатно кога ќе дојдат нови деца кои нема да се сеќаваат на тие години“. И кај нас би било така. Недостига малку шарм во филмовите, толку многу е присутна депресијата.



Што претставува проектот „ТВ Такси 28“, како помина првата сезона?

- Да, прекрасна екипа сме. Продукцијата е како семејство. Со Ана Зафирова и бате Стрезо Стаматовски „кликнавме“ од прва. Се чувствуваше хемија и толку многу се зближивме во проектот на „Мунлајт продукција“. Ми недостигаат сите и многу сакам да продолжиме.

Како почна со имитирањето, како се роди идејата и што ти се промени откако стана инфлуенсер со видеата со имитирање?

- Јас претходно имав некои видеа и видов дека добро оди и на луѓето им се допаднаа. Кога дипломирав тоа лето, сфатив дека може преку социјалните мрежи да се направи театарот да стане кул: да одиш на театар и да се тепаш за карта, да биде место каде што ќе сакаш да бидеш виден. Актерите не почитуваат многу социјални мрежи и си реков дека ќе пробам. За среќа, луѓето го засакаа тоа. Полесно е сега да се продадат карти, но притисокот е поголем, те знае публиката и очекува повеќе на сцена. Инфлуенсер е професија, а јас не се пронаоѓам во тоа, мене социјалните мрежи ми се „буст“ за да ги пласирам културните настани и да бидам блиску до публиката. Јас сум само актер кој добил публицитет на социјалните мрежи.

Телевизија, театар или „Јутјуб“ и социјални мрежи?

- Театар е на прво место, без тоа не можам да живеам. Телевизијата сѐ уште е моќна и без неа нема да те сфатат сериозно, а без социјалните мрежи ќе немаш од што да живееш. Ако треба по редослед, ќе оди театарот, па филмот, телевизијата и на крај социјалните мрежи, кои сето ова ќе го спакуваат и продадат.

Дали твојот пристап придонесува да се разбијат некои од стереотипите во општеството и дали сметаш дека со глумата ги зближуваш различностите, без разлика дали се социјални, родови, етнички?

- Дефинитивно затоа што уметноста не познава граници. Сите се смееме и плачеме на ист јазик. Чаплин и Роуан Аткинсон ми се омилени затоа што се тажни ликови, а успеаја да го насмеат целиот свет без да кажат ниту еден збор. Често одам во Грција каде што, нели, ние имаме проблем со нив. Кога ќе почнеме да зборуваме на теми на театар, сфаќаме дека нема ништо помеѓу нас. Стереотипи се рушат најдобро со комедија. Претставата „Синиот портокал“ како комедија е на репертоар во Велешкиот театар 10 години и луѓето се смеат гледајќи се во огледало. Ликот е Ром кој има проблем и е во психијатриска болница поради тоа што има комплекс на пониска вредност оти потенцирале дека е Ром. Таа претстава живее затоа што начинот на кој колегата Фаик Мефаиловски го изведува ликот е смешен за сите. Сите доаѓаат да ја гледаат претставата и да му се смеат на тој Ром што има проблем оти сите викаат дека е Ром. Публиката паѓа во транс од смеа, а тој ја исмева неа. Десет години луѓево плаќаат карта и се смеат сами на себе. И нашата претстава од Александар Ивановски - „Паника“ зборува за машкото ментално здравје, кое е многу запоставено.



Како еден млад артист како тебе влијае или може да влијае врз младите во инспирирањето конструктивни наративи?

- Ако јас денес излезам и кажам што не чини, тоа е океј, но сигурно не сум ти го кренал расположението и не сум ти бил позитива на денот. Позитива на денот е кога ќе те натерам да се олабавиш од сите тие стеги кои можеби ќе те поттикнат да мразиш. Омразата е болка сама за себе, тие луѓе што мразат, секоја им чест, треба талент за тоа. Јас едноставно им ги тргам мислите на луѓето дека сѐ е сиво, знаеме дека сѐ е сиво. Јас доаѓам од Велес, кој е загаден град. Мојот пост дека Велес е загаден нема да смени ништо, но кога ќе му го кренеш расположението на народот и ќе сфати дека има шанси нешто да промени, тогаш и ќе тргне нешто да прави.


Фотографија: Иван Наунов

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема