Српско-македонскиот детски филм е наменет за сите возрасти, но поради тоа што се зборува на српски јазик, најдобар е за деца над седум години, вели продуцентот Огнен Антов
Играниот филм „Ловци на вештерки“, приказна за вистинско другарство на две деца, по успехот на повеќе од 15 светски филмски фестивали од вечерва во 19 часот ќе ја доживее и македонската премиера во киното „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“. Филмот на Рашко Миљковиќ беше прогласен за најдобар детски филм за возраст од 8 до 10 години на Торонто филм фестивал.
„Ловци на вештерки“ е приказна за Јован, момче од десет години, кој е роден со делумнa церебрална парализа. Неговиот живот е условен од оваа ситуација. Преку својата имагинација Јован бега во светот на фантазијата во кој е слободен да направи сѐ и да биде кој сака, еден вид суперхерој.
Филмот е српско-македонска копродукција. Режисер е Рашко Миљковиќ, сценариото е на Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ, а играат: младите Михајло Милавиќ и Силма Махмут, како и Јелена Докиќ, Милутин Милошевиќ и нашата Јелена Јованова.
Директор на фотографија е Микша Анѓелиќ, костимограф е Ирена Атанасовска, монтажер на филмот е Ѓорѓе Марковиќ, додека снимател на звукот е Игор Поповски. Продуцент на филмот е Јована Караулиќ од „Акција продукција“, а македонски копродуцент е Огнен Антов од „Дрим фектори“.
Филмот го поддржаа: Филмскиот центар на Србија, Медиа програмата-Креативна Европа, Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за образование на Република Србија, Град Белград.
По скопската премиера филмот ќе биде на редовен репертоар во „Синеплекс“, а потоа и низ киносалите во Македонија.