X
 17.10.2024 Живот

Дали знаете дека на „Нетфликс“ постои таен клуб во кој членовите гледаат филмови пред другите?

Претплатата на стриминг-платформата „Нетфликс“ ви дава пристап до еден куп ТВ-серии и филмови, но дали знаете дека постои таен клуб што нуди уште повеќе придобивки?

Станува збор клубот наречен „Нетфликс привју клуб“, а тоа е посебен вид членство што ви овозможува пристап до содржините што допрва ќе се појават на оваа платформа.

Откако ќе станете член на клубот, можете да гледате ТВ-серии и филмови пред тие да имаат премиера. Дури и ве прашуваат што ви се допаднало во врска со филмот/серијата, а што не со цел да го променат тоа.

- Секоја проекција вклучува гледање филм или епизода од ТВ-серија, по што следува анкета од 10 до 20 минути. Во зависност од серијата или филмот, може да потрае од 40 минути до три и пол часа - објаснуваат од „Нетфликс“.

Во клубот можете да влезете само со покана, а постојат два начина за квалификување.

Како функционира клубот?

Откако ќе влезете, од вас ќе биде побарано да одговорите на прашалникот испратен на вашата е-адреса за тоа што сакате да гледате. Потоа ќе добивате покани за закажани проекции. Обично поканите доаѓаат неколку дена пред проекцијата.

Потоа ќе добиете уште една е-порака кога проекцијата ќе биде достапна за гледање на „Нетфликс“. Ќе добиете и упатства за пристап до неа. Ќе имате околу четири дена да ја погледнете и да ја пополните анкетата.

Постои можност да бидете поканети во фокус-група за да разговарате за серијата или филмот со други членови на клубот. Од „Нетфликс“ велат дека испраќаат неколку вакви покани годишно.

Филмовите и сериите чија премиера ќе ја гледате може да не бидат довршени. Всушност, од „Нетфликс“ велат дека може да забележите:

- Незавршени звучни/визуелни ефекти;
- Зелен екран или каскадерски кабли;
- Недостиг на музика во некои сцени;
- Недостиг на превод.

Како да се приклучите на клубот?

Од „Нетфликс“ велат дека тоа е клуб во кој може да се влезе само со покана и не треба да плаќате.

Кандидатите се избираат врз основа на два критериуми:

- Вашето однесување додека гледате;
- Колку долго сте член на „Нетфликс“.

Не постои начин да се пријавите, ниту пак постои начин да се каже како да ги исполните овие критериуми за зачленување.

Ако добиете е-порака за зачленување во клубот, таа ќе дојде само од една од следните две адреси:

noreply@netflixpreviewclub.com
noreply@members.netflix.com

Ако добиете е-порака што не доаѓа од овие адреси, тогаш веројатно станува збор за измама. Исто така, може да добиете известување и во самата апликација на „Нетфликс“ кое ќе ве пренасочи до веб-локација каде што ќе можете да го завршите процесот на зачленување во клубот.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот