Градоначалник на една колумбиска општина добива многу пофалби затоа што го предал синот на полицијата бидејќи го прекршил полицискиот час воведен поради спречување на ширењето на коронавирусот.
Карлос Хигинс Виљануева истакнал дека морал да направи пример од синот.
- Моето семејство е првото што треба да ги почитува правилата - напиша тој на „Твитер“.
Во Колумбија се потврдени повеќе од 95.000 случаи на заразени, а починале повеќе од 3.300 лица.
Департманот Атлантико - каде што Хигинс е градоначалник на малото место Хуан де Акоста - е на второто место според бројот на заразени во Колумбија.
Хигинс објави фотографии на кои може да се види како ги вози синот, внукот и маж за кој напишал дека е голем пријател во полициска станица, каде што ги замолил полицајците случаите на кршење на забраните да ги решаваат како што мислат дека треба.
Тројцата приведени биле снимени на прослава на Денот на татковците. Журката на која биле не била единствената журка за време на строгиот полициски час, а можело да се купи и алкохол, што е спротивно на забраната која е воведена во државата.
- Мојата фамилија е првата што мора да ги почитува овие мерки. Нема да дозволам да ги загрозуваат животите на нашите мештани само затоа што сакале неколку пијачки - напиша градоначалникот на „Твитер“.
Објаснувајќи зошто мисли дека најстариот син морал да ја научи лекцијата, Карлос додаде дека имал и помали синови, а постариот можел да го донесе вирусот дома.
- Сакав да дадам пример за остатокот од заедницата да ги почитува правилата - истакна градоначалникот.
На прекршителите на правилата им е одредена мерка општествено-корисна работа.
Општинските власти го прифатиле пристапот на градоначалникот и почнале кампања под мотото: Ако те видам на журка, да пиеш, да играш фудбал, да си надвор од дома, во посета или да ти доаѓаат гости, ќе повикам полиција.
Градоначалникот доби многу пофалби, а мештаните велат дека на сопствен пример ја докажал изреката: законот почнува дома.
Извор:
Би-би-си на српски
Насловна фотографија: Twitter