X
 16.01.2018 Живот

Одговорот на ова прашање ќе ви покаже каков родител сте


Мајка и дете
(Фото: Pixabay)


Во ред, треба најотворено сите да признаеме дека не постои ниту еден човек на кого родителите не му подвикнувале понекогаш. Но, не е секое викање исто. Многу истражувања покажале дека континуираните вербални навреди имаат ист ефект како редовниот ќотек. Но она што многу мал број истражувања го разјаснуваат е разликата меѓу вербалните навреди и викањето кон детето. Самото викање е помалку штетно ако не е придружено со навреди на сметка на детето. Кога вербалната дисциплина ја погодува срцевината на детското битие, односно кога таа влијае врз ставот што детето го гради кон себе, настанува голем проблем.

Еве еден пример. Ако вашето дете да речеме истурило сок врз вас, а вие гласно викате:„Аман бре!“, вие не сте го нападнале детето, неговиот карактер или неговата личност. Но, ако викајќи кажете: „Идиоту еден, кај ти се очите?! Не можам да верувам што направи!“ тоа веќе е проблем.

Втората реакција е директен напад врз детето и во неговиот ум може да формира негативен став за себе и за своите способности, дури и во случај воопшто да не сте го подигнале тонот кога сте го изговориле тоа. Можеби најкритичен дел е кога сте кажале: „Не можам да верувам што направи!“, затоа што ваквите зборови директно патуваат до детското срце и мозок, формирајќи го нивниот став за себеси. А тој став обично е: „Јас сум глупав. Јас сум невешт. Јас сум лош“.

И не е важно колку сте добри кон своето дете во други ситуации, колку внимание му посветувате, со тоа нема да ги избришете негативните ефекти од вербалните напади. Детето на кое му се кажува дека е лошо и никакво ќе го задржи таквото мислење за себе и тогаш кога ќе го милувате и ќе го прегрнувате.

Втор пример: Ако на детето кое само се обидува да си тури сок во чашата секојпат му велите :„Остави, јас ќе ти турам, ти ќе го истуриш сокот“, детето лесно ќе дојде до заклучок дека е неспособно, што понатаму ќе влијае врз неговото однесување, така што лесно ќе се откажува од носење самостојно извршување на некои активности, но и од самостојно носење важни одлуки.

Негативното мислење што го стекнуваме за себе во текот на најраното детство силно ќе влијае врз нашата самодоверба во текот на целиот живот.

Се разбира дека речиси секој родител одвреме-навреме ќе изгуби контрола и ќе почне да вика на своето дете. Децата понекогаш навистина знаат да бидат напорни. Повременото викање на нив не ве прави лош родител. Она што е карактеристично за лошиот родител е константното викање и навредување на детето, кое длабоко во неговата душа всадува негативни уверувања за себе. Подигнувањето на тонот е далеку побенигно од зборовите што ги искажувате.

А за оние што велат: „Ако не си строг родител, децата ќе ти станат мекуши“, имам едноставен одговор. „Животот ќе се погрижи да им зададе доволно проблеми и препреки. Родителите треба да се тука како поткрепа, да ги олеснат тешките моменти, а не да ги создадат“.

За да откриете каков родител всушност сте, постои едно едноставно прашање кое треба самите да си го поставите: „Што мисли моето дете за себе, како резултат на тоа што ЈАС сум му родител?“


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот