X
 17.08.2018 Култура

Ернесто Сабато: „Како го предадов комунизмот“

Околу шеснаесеттата година почнав да се дружам со група анархисти и комунисти бидејќи никогаш не ја поднесував социјалната неправда, а некои од нив беа деца на работници, имигранти социјалисти и водевме дискусија во текот на ноќта.

Од тоа време се сеќавам на првомајските демонстрации и истовремено длабоката тага поради настраданите во Чикаго. Вечен мир за скромните херои, работниците што се бореа за осумчасовно работно време и потоа беа осудени на смрт: Алберт Парсонс, Адолф Фишер, Џорџ Енгел, Огист Спајз и Луис Линг, 20-годишник кој се самоуби така што цевката-детонатор му експлодира во устата. Останатите четворица беа осудени на смрт со бесење. Потоа истрагата утврди дека беа невини и дека бомбата фрлена на полицијата не беше нивно дело. Овие работници изјавија дека се горди на својата борба за социјална правда и ги обвинија судиите и системот на кој тие беа типични претставници. До последниот момент не се откажаа од своите убедувања. Многу години подоцна гувернерот ја призна невиноста на овие луѓе и им подигна споменик, Гробот на настраданите.

комунизам

Беа организирани и маршеви за генералот Сандина и анархистите Сак и Ванчети. На демонстрациите се собираа околу сто илјади работници и студенти, некои под црвеното знаме на социјалистите и анархистите. Во целиот свет беа одржани протести во знак на солидарност поради двајцата настрадани во работничкото движење, осудени на смрт за злосторство што не го направиле. Исто како и во случајот со работниците од Чикаго, американскиот суд мораше да им ја признае невиноста. Дури и во моментот кога грубо ги врзаа за столот, тие изјавија дека се невини. Починаа храбро и достоинствено.

Дискусиите и борбата помеѓу анархистите и марксистите беа чести, но и покрај тоа имав другари од двете страни, и до ден-денес ние што преживеавме водиме долги разговори сеќавајќи се на херојските години.

Со толку емоции ми доаѓа и сеќавањето на она време кога измислував или го откривав дното на мојата душа.

Руската револуција уште го имаше оној романтичен сјај во октомври, а другарите комунисти на крајот успеаја да ме убедат. Бидејќи не беа започнати сталинизмот и неговите злосторства, почувствував, со романтичарски фанатизам, дека револуцијата на пролетеријатот на крајот ќе им донесе на луѓето чист свет каков што своевремено препознав во математиката.

Се оддалечив од универзитетските кругови и се придружив на комунистичката младина. Во 1930 година се случи првиот воен удар, морничав и крвав, како последица од опасностите што претставуваа општествените движења за војниците и капиталистите. Овој прв удар беше одлучувачки за мојот живот бидејќи морав да одам во илегала прво поради воената служба, отсекогаш ги мразев салонските револуционери, а потоа затоа што станав секретар на комунистичката младина и постојано ме прогонуваа. Поради тоа, морав да побегнам во Ла Плата, ги прекинав студиите и го напуштив семејството. Морав често да ги менувам пансионот и името, а во една пригода се спасив скокајќи од прозорецот.

Во тие времиња на сиромаштија и прогонство дојде до голема криза, што на крај доведе до моето оддалечување од движењето поради кое толку ризикував. Членовите на партијата забележаа кај мене сомнителни знаци. Во разговорите со блиските другари тврдев дека дијалектиката е применлива во духовните дела и според тоа, дијалектичкиот материјализам е целосно контрадикторен поим. Некој што не го разбира целосно менталитетот на воениот комунизам можеби мислел дека не е ништо сериозно, но всушност беше многу сериозно за партиските лидери, кои одделувањето на теоријата од праксата го сметаа за криминал.

Пред заминувањето во Москва морав да присуствувам на Конгресот против фашизмот и војната, во Брисел, на кој претседаваше Анри Барбис, во организација на партијата, а под строга контрола. Патувањето започна во Монтевидео, а морав навечер да ја поминам делтата на реката Ла Плата, во шверцуван чамец, а потоа продолжив во брод, со лажни документи, прво до Антверпен, а потоа до Брисел. Таму имав можност да слушам луѓе од Шукбунд, Австрија, и војници кои доаѓаа од Германија, бидејќи хитлеризмот беше во пораст. Ме сместија во соба во еден од хостелите за млади, заедно со другар што го запознав таму и чие име беше Пјер. Беше функционер на Централниот комитет на француската младина, слепо посветен на теоријата, што ме натера да бидат внимателен бидејќи во партијата не се правеа такви грешки; овој млад војник подоцна падна во рацете на Гестапо и почина по ѕверската тортура.

За време на еден од низата дијалози што ги водевме пред спиење дојде до дискусија и направив опасна грешка, изразувајќи сомнеж за филозофскиот проблем. Следното утро му реков дека ме боли стомакот и дека ќе одам по него штом ќе ми помине. По еден час, кога сфатив дека нема да се врати, го спакував куферот и побегнав во Париз. Веќе беа започнати процесите на левичарската сталинистичка империја и брзо по разговорот со Пјер, сфати дека ако одам во Москва, никогаш нема да се вратам. Сите дијалози, искуства што ги стекнав на крајот ја стресоа кревката структура што се тресеше во мојата глава.

По враќањето во земјата, духовно растроен, се затворив во математичкиот институт и за неколку години го завршив докторатот. Така, речиси секој ден се подготвував за одбрана од навредите и понижувањето поради моето „предавство“ на комунизмот, а всушност беше сосема спротивно. Големиот предавник беше монструозниот човек, поранешниот семинарист кој ги уби сите оние што всушност ја извршија револуцијата.

Во време на проучениот „бум“ на хиспаноамериканската книжевност останав надвор од литературните вредности бидејќи многу писатели ме имаа обвинето за предавство на комунизмот. Можеби, поради моето анархистичко образование, секогаш бев осамен борец, односно припаѓав на оној вид писатели на кои еднаш укажа Ками: - Човек не може да се стави на страната на оние што создаваат историја, туку во служба на оние што страдаат поради неа.

Писателот мора да биде непоткуплив сведок на своето време, доволно храбар да ја каже вистината и да стане против функционерите кои, заслепени од своите интереси, ја губат од вид својата човечка личност.

Распадот на Југославија и светот


Пред извесно време гледав извонреден филм на Емир Кустурица за исчезнувањето на Југославија. Ме импресионира храброста со која режисерот ја покажува суровоста на ова уништување. И додека ги гледав тие суштества во нивното загадено подземје, како ја толерираат својата болка, почувствував дека тоа е голема метафора дека ова време почива во тоа што дел од човештвото исчезнува.

Големиот писател и интелектуалец Ернесто Сабато во 1998 година ја напишал книгата „Пред крајот“. Во концизната автобиографска форма Сабато всушност дава слика на бурниот и драматичен 20 век, активно учествувајќи во многу пресудни случувања.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура