Одредени српски туристички агенции уште по првите две одења на Халикидики морале да ги менуваат гумите на автобусите, а причината за тоа е малку необична. Имено, одредени туристи носеле и по четири куфери преполни со храна бидејќи во апартманите прават мармалад од кајсии, а во август и ајвар.
Во целиот систем се вклучени и македонските продавачи, кои чекаат со вреќи пиперки. Следните гости во таквите апартмани не можат да ги проветрат собите и со право им се жалат на агенциите. Така и оваа, како и секоја година, повторно се пишува за „домат-туристите“ од Србија на кои се жалат приморците, кои откако ќе ги испратат туристите, во апартманите затекнуваат целосен хаос.
Што е „домат-турист“?
Дефиницијата, барем така мислиме, ја знаат сите - домат-турист е турист кој на море тргнува со рачен фрижидер полн со месо, салати, сарми, овошје и зеленчук, па дури и грицки.
Меѓутоа, таа дефиниција воопшто не е точна!
-Домат-туристите се најголемата ноќна мора и за Грците и за нас, туристичките агенти. А таков прекар добија поради фактот дека огромен број на луѓе без срам на пат тргнуваат со вреќи домати и пиперки и тоа за да да можат таму да си направат зимница - вели една вработена во туристичка агенција.
Мотивот, според вработените во туристичките агенции, е заштедувањето. Туристите трошат електрична енергија во апартманите во Грција, а не дома. А септември е нивното време.
-Секоја сезона на нас агентите ни се случува истата приказна - бесни сопственици на апартмани нè викаат за да нè прашаат кого сме им донеле во апартман. Поради тоа редовно мораме да ги известиме сите патници дека нема правење зимница во апартманите. Сепак, ваквите случаи и понатаму се чести - вели агентката.
И возачите на автобусите ги потврдуваат ваквите случаи.
Пред две години две баби од Србија во Грција носеле вреќи со пиперки и таму правеле ајвар.
-Кога се обидев да им помогнам да го внесат куферот во автобусот кога тргавме накај Србија, се зачудив кога сфатив колку се тешки и дека всушност не можам да ги кренам. Кога ги прашав што има внатре, најнормално ми одговорија дека во куферот има тегли со ајвар - вели неименуван возач на
автобус.