Овој викенд стрелките на часовникот се поместија еден час напред, а тоа значи повеќе дневна светлина и најава за пролетта, но и еден час помалку спиење. Иако еден час спиење помалку можеби не ви звучи како голема загуба, научниците велат дека сепак треба да дремнете за да надоместите за тој
час.
Фото: Pixabay
Тој минус во часовите поминати во спиење е особено штетен за оние што се хронично ненаспани, вели д-р Нерина Рамлакан, која извршила истражување на влијанието на недостигот од сон врз здравјето.
- Студиите покажуваат дека многу возрасни, а исто така и деца, страдаат од опасен недостиг на сон. За разлика од нашите предци, ние сега сме речиси постојано опкружени со неприродна светлина, од електрично осветлување, до светлината од компјутерските екрани, телевизорите и мобилните телефони. Постојаната изложеност на вештачка светлина негативно влијае врз квалитетот на сонот, па се случува да се будиме уморни дури и кога мислиме дека добро сме се наспале - вели д-р Рамлакан.
Секое четврто лице спие само пет часа во текот на ноќта, а поради поместувањето на часовникот, сега тоа време е намалено на само четири часа, што загрижува.
- Надлежните треба да размислат и да им овозможат на вработените малку да дремат на работа, бидејќи тоа би можело значително да ја подобри нивната способност да работат - вели Рамлакан.
Но, времето за дремка треба да биде околу два попладне, а во никој случај не по 16 часот бидејќи во тој случај попладневниот одмор лошо се одразува врз спиењето во текот на ноќта.
Ова е, се разбира, малку веројатно, но ако работите во попладневните часови или имате слободен ден - слободно прилегнете околу два попладне. Со тоа се намалува ризикот од голем број последици врз здравјето што ги остава ненаспаноста, како што се дијабетес, депресија и срцеви заболувања.