X
 18.01.2023 Здравје

Откриена водечката причина за Алцхајмерова болест

Во изминатава деценија се промени водечкиот фактор на ризик за Алцхајмерова болест, според истражување објавено во „ЏАМА“.

Уште во 2011 година, најистакнатиот модифициран фактор на ризик за Алцхајмерова болест беше физичката неакитвност, проследена со депресија и пушење.

Сепак, според неодамнешна анализа, физичката неактивност сега е на второ место по дебелината кога станува збор за факторите на ризик за развој на деменција на кои можеме да влијаеме.

За жал, денес Алцхајмеровата болест е најчеста форма на деменција и водечка причина за смрт во западните земји и САД. Сепак, и покрај многуте истражувања, научниците сè уште не знаат точно како почнува болеста и како да се спречи нејзиното напредување.

Познато е дека развојот на Алцхајмеровата болест е значително под влијание на генетската компонента, но на виделина излегуваат и многу други фактори на животната средина кои можат да придонесат за болеста, вклучувајќи лоша исхрана, висок крвен притисок, депресија, пушење и, на пример, инфекции на непцата.

Една студија објавена во 2019 година го откри најспецифичниот бактериски виновник за Алцхајмеровата болест досега. Микробиологот Јан Потемпа, од Универзитетот во Луисвил го објави откривањето на патогенот „Porphyromonas gingivalis“, кој стои зад хроничниот периодонтитис (болест на непцата), во мозокот на починатите пациенти што имале Алцхајмерова болест.

Добра и лоша вест

Може да се влијае врз модифицираните ризик-фактори за да се намали ризикот од развој на Алцхајмерова болест, но лошата вест е дека влијанието на овие ризик-фактори постојано се менува, од година на година, од нација до нација. Останува нејасно зошто е тоа така, но подобрувањата во методите на истражување и зголемената свест за Алцхајмеровата болест може да бидат причините.

Во најновата анализа од САД, на пример, губењето на слухот беше додадено како модифициран ризик-фактор за Алцхајмерова болест, иако претходно не беше земено предвид во процените.

Осум ризик-фактори


Меѓу 378.615 луѓе што учествувале во истражувањето, нешто повеќе од една третина од сите случаи на Алцхајмерова болест биле поврзани со еден од осумте ризик-фактори. Иако тие се субјективно пријавени, што значи дека не се совршени мерења, укажуваат на општ тренд. Дополнително, случаите на Алцхајмерова болест кои биле поврзани со барем еден од осумте ризик-фактори биле почести кај мажите отколку кај жените. Најчестиот ризик-фактор идентификуван во националната анализа бил дебелината во средната возраст, проследена со физичка неактивност и ниско образование. Дебелината, велат авторите на студијата, е значително повисока во споредба со другите ризик-фактори проценети во оваа студија и е најистакнатиот ризик-фактор поврзан со Алцхајмерова болест и сродните деменции речиси една деценија подоцна.

И една студија од 2020 година на Универзитетот во Шефилд открила врска помеѓу дебелината на средна возраст и почетокот на Алцхајмерова болест. Истражувачите откриле докази дека прекумерната тежина може да го направи нервното ткиво поранливо на оштетување на мозокот или губење на клетките. Овие промени се чини дека се случуваат и во делови од мозокот кои се тесно поврзани со сеќавањата. Иако асоцијацијата не значи причинска врска, истражувањата сугерираат дека одржувањето здрава тежина може да ги намали шансите за развој на болеста - барем до одреден степен.
Постојат неколку хипотези зошто е тоа така. Некои истражувачи се сомневаат дека дебелината може да влијае врз циркулацијата на крвта во мозокот, предизвикувајќи намалено снабдување со кислород. Други истражувачи објаснуваат дека дебелината доведува до хронично воспаление во мозокот, кое може да ја деградира белата маса и да ги наруши невронските врски.

И културата има влијание


Во Кина и во Европа ниското образование и физичката неактивност се двата водечки ризик-фактори за Алцхајмерова болест. Сепак, дебелината значително се зголемува во Европа и научниците предупредуваат на стратегии кои треба да се преземат сега со цел да се намали ризикот од развој на многу болести, вклучително и Алцхајмеровата болест.

Извор: Zivim.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје