X
 19.03.2023 Здравје

Храна поради која мозокот побрзо старее

Храната што ја консумираме игра клучна улога во развојот на многу болести. Сè повеќе истражувања укажуваат на тоа. Нашите навики за јадење со текот на времето може да го забрзаат ослабувањето на меморијата и когнитивното опаѓање, кои се поврзани со стареењето на мозокот.

- Она што го јадеме не влијае само врз нашето тело, туку и врз нашиот мозок - вели д-р Ума Наиду, нутриционистички психијатар, обучен готвач и директор на Одделот за психијатрија за исхрана и начин на живот при Општата болница во Масачусетс.

Една порција помфрит нема да ни го испржи мозокот. Но, редовното консумирање на овие нездрави намирници со текот на времето може да го загрози нашиот мозок и менталниот капацитет, како и да ја зголеми веројатноста за развој на други нарушувања поврзани со возраста, како што се срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и рак. Заклучоците од многу истражувања укажуваат дека некои намирници имаат негативно влијание врз нашето здравје.

Премногу црвено месо влијае врз мозокот

Една студија покажала дека прекумерното консумирање црвено месо може да го зголеми нивото на триметиламин Н-оксид (TMAO), што го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.


Фото: Pixabay

- Покрај тоа, промените во цревните бактерии може да ги зголемат амилоидните наслаги, а со тоа да придонесат за добивање Алцхајмерова болест - вели д-р Наиду.

Храната со евтини течни засладувачи е опасна за мозокот

Сирупот од пченка со високо ниво на фруктоза е евтин течен засладувач што производителите на храна го додаваат во преработената храна за да ја направат повкусна и да нè натераат да продолжиме да ја јадеме. Студиите спроведени на глодачи посочуваат дека консумирањето високи дози фруктоза може да ја промени способноста на мозочните клетки да си испраќаат сигнали едни на други, предизвикувајќи губење на меморијата и нарушување на учењето.

Преработената храна е виновна за побрзото когнитивно опаѓање

Едно истражување покажало дека мажите и жените што најмногу јаделе преработена храна имале 28 отсто побрзо опаѓање на меморијата, вниманието, визуелните/просторни вештини и 25 отсто пад на извршните функции, во споредба со луѓето што јаделе најмалку преработена храна. Високо преработената храна вклучува претходно пакувана замрзната храна, чипс и ѓевреци, сладолед, леб од продавница, колачиња, мешавини за колачи, житарки, пакувани грицки итн.


Фото: Pixabay

Пржената храна е виновна за лошата меморија

Пржената храна, како помфритот, се поврзува со зголемен ризик за воспаление на ѕидовите на крвните садови. Освен тоа, било покажано дека учесниците чија исхрана вклучувала најмногу пржена храна имаат најниски резултати на тестовите за помнење.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје