X
 18.06.2018 Политика

Калифорнија на референдум ќе одлучува дали ќе се подели на три дела



Тим Дрејпер собрал повеќе од 400.000 потписи за референдум за поделба на Калифорнија на три држави.

Иницијативата на милијардерот - Калифорнија да се подели на три одвоени држави - ќе се најде на гласачките ливчиња на ноемвриските избори.

Ако иницијативата „Кал-3“ добие мнозинство од гласовите, тоа ќе покрене подолг процес на поделба на Калифорнија на северна, јужна и централна држава.



Калифорнија поделена
(Фото: BBC)


Дрејпер шест години ја водел оваа кампања на неуспешен начин, залагајќи се за поделба на шест нови региони.

Ова е прв случај во 150 години ваков избор да се најде на гласачко ливче.

Доколку биде изгласан, тоа би била првата поделба на една држава уште од одвојувањето на Западна Вирџинија од Вирџинија во 1863 година.

Според записникот на државниот секретар на Калифорнија, Дрејпер собрал повеќе од 402.468 потписи за поддршка на предлогот во државата.

Новата држава Калифорнија би покривала територија околу Лос Анџелес, сè до округот Монтереј.

Северна Калифорнија би ги вклучувала заливската област и Сакраменто.

Јужна Калифорнија би се протегала од Сан Диего до Фресно.

„Три држави би значеле подобра инфраструктура, подобро образование и пониски даноци“, рекол Дрејпер за „Лос Анџелес тајмс“ по повод предавањето на предлогот минатото лето.

„Државите би биле поодговорни кон избирачите, би можеле да соработуваат и да се натпреваруваат за граѓаните“.

Дали оваа е нова идеја?

Идејата за поделба на Калифорнија е стара колку и самата држава.

Евидентирани се повеќе од 200 обиди од различни законодавци и богати поединци за поделба на Калифорнија, основана во 1850 година.

Уште во 1859 година Калифорнија испратила предлог до Конгресот да се подели на северна и јужна, но законодавците биле презафатени со Граѓанската војна.

Оттогаш предлозите за поделба на државата на два или три дела поминуваат без поголемо внимание.

Тим Дрејпер во 2012 и 2014 година предлагал Калифорнија да се подели на шест држави, но неговата иницијатива никогаш не дошла на дневен ред за гласање.

Во септември 2017 година тој повторно ја оживеал својата идеја, но сега како „Кал-3“.

Портпаролката на иницијативата „Кал-3“, Пеги Гранде, за „Вашингтон пост“ рекла дека Калифорнија не е држава која им одговара на сите како единствена.

Портпаролката Гранде рекла дека „Кал-3“ би им овозможила на законодавците да се насочат на проблемите во помали региони.

„Ниеден од овие проблеми не би исчезнал, но тоа што би се случило е решението да стане поприфатливо за луѓето на кои се однесува“, додала таа.

Што би се променило на национално ниво?


Калифорнија има 55 гласа од електоратите кои традиционално им припаѓаат на кандидатите на демократите.

Ова би можело да се промени доколку се прифати предлогот на „Кал-3“, што би можело да ги стави во непријатна положба законодавците од редовите на демократите.

Судејќи според податоците на Центарот за политика на Универзитетот „Вирџинија“, доколку промените се изгласаат, Јужна Калифорнија би можела да стане „свинг“ држава (која во изборните циклуси не е константна во поддршката на една партија).

„Кал-3“ би значело и додавање на четири сенатори во Сенатот на САД.

Колкави се шансите предлогот да биде изгласан?

Уставот на САД дозволува формирање на нови држави, но тој процес го прави покомплициран.

Во членот 4 се наведува дека ниедна нова држава не може да им се приклучи на САД „без согласност од заинтересираните држави, како и од Конгресот“.

Тоа значи дека ако „Кал-3“ ја освои довербата од избирачите, законодавното тело исто така мора да ја потврди одлуката. Дури потоа одлуката би била упатена во Вашингтон, на одобрување на сојузно ниво.

Граѓаните на Калифорнија ќе имаат можност да одлучат за ова прашање на 6 ноември оваа година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика