X
 18.07.2021 Здравје

Алкохолот виновен за 740.000 нови дијагнози на рак во 2020 година

Пиењето само два алкохолни пијалаци дневно е причина за над 103.000 лица заболени од рак минатата година, според истражување објавено во „Лансет онколоџи“.

Истражувачите, водени од Меѓународната агенција за истражувања за ракот, откриле дека дури 741.300 нови дијагнози на рак во светот минатата година биле поврзани со консумирањето алкохол. Пиењето шест или повеќе алкохолни пијалаци дневно најмногу го зголемува ризикот за заболување од рак, но откритијата на истражувачите се загрижувачки.

Хериет Рамгеј, главен автор на истражувањето, повикува на итна акција за подигнување на свеста за поврзаноста помеѓу алкохолот и ризикот од рак.


Фото: Pixabay

Пиењето алкохол го зголемува ризикот од рак поради токсините што се создаваат додека телото го преработува алкохолот. Овие штетни состојки може ги оштетат ДНК и клеточните протеини, а процесот на разложување на алкохолот може да ја попречи работата на дигестивниот систем, што може да доведе до други проблеми со здравјето.

Според некои истражувања, дури ни најмалото количество алкохол не е здраво бидејќи го зголемува ризикот за здравствени проблеми, но според најновото истражување, умереното повремено пиење е подобро отколку секојдневното пиење. Ризикот за заболување од рак е двојно поголем доколку пиете два до шест пијалаци дневно отколку кога пиете повремено.


Фото: Pixabay

Истражувачите откриле и дека мажите почесто заболувале од рак како последица од консумирањето алкохол во споредба со жените. Дури 77 отсто од новите дијагнози минатата година биле на мажи. Но тоа можеби е затоа што мажите почесто пијат алкохол и кога пијат, тоа го прават прекумерно, според претходно истражување.

Автор: Геби Ленсдверк
Извор: Insider
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје