X
 03.11.2017 Култура

„Ѓаволскиот елемент“: темната страна на алхемијата

Фосфорот е еден од најнеобичните елементи од Периодичниот систем. Тој е клучен дел од животот на Земјата затоа што во комбинација со кислородот создава фосфати, ја држи „на купче“ нашата ДНК, ги зајакнува коските, а важен е и за клучните хемиски реакции во нашите клетки. Меѓутоа, поседува и своја темна страна, поради што е наречен и „ѓаволски елемент“.

Чистиот фосфор може да се најде во разни облици и бои, во зависност од распоредот на атомите во неговата молекула. Така постои бел фосфор (познат е и како жолт фосфор), но и црвен, виолетов, црн и од неодамна розов.

Прво е откриен белиот фосфор во текот на шеесеттите години од 17 век, и уште оттогаш бил на „лош глас“. Го пронашол алхемичарот Хениг Брант, кој ја варел сопствената урина со надеж дека ќе добие злато. По неколку дена загревање и многу литри застоена урина, Хениг успеал да издвои бела, восочеста цврста материја, што веројатно многу го разочарала. Сепак, кога се затемнило, најверојатно неговото расположение се поправило кога забележал дека неговиот изум светел со застрашувачки зелена боја. Таа необична супстанција ја нарекол „фосфор“, според грчкиот збор што значи „носител на светлина“. Со оглед дека во тоа време светлоста главно се произведувала со палење различни материјали, неговото откритие било вистинско чудо.

Алхемичарите во тоа време се надевале дека фосфорот ќе стане безбедна замена на свеќите, кои тогаш масовно предизвикувале пожари во куќите, но таа идеја ја отежнувале две препреки: прво, фосфорот имал многу непријатна миризба и второ, се покажало дека бил многу поризичен во споредба со свеќите по прашање на предизвикување пожари, затоа што неговата зеленикава боја во темнина всушност била неговата реакција на кислородот, кој предизвикувал негово запалување.

Тоа на најтешкиот начин го осознал хемичарот Николас Лемери во 17 век.

„По некои експерименти со фосфорот кои ги извршив во својата куќа, едно парче од небрежност сум оставил на масата во собата, а слугинката при местењето на креветот случајно го собрала заедно со постелнината која ја спуштила. Лицето кое подоцна легна во креветот се разбуди во текот на ноќта и откри дека се запалила покривката“, напишал Лемери.

Неговиот гостин имал среќа и преживеал, иако се знае дека фосфорот гори со неверојатен интензитет и произведува густ, бел чад, поради што се користи во производството на чадни бомби.

Леснотијата со која почнува да гори овој елемент уверила многумина дека токму тој е виновникот за спонтаното самозапалување на луѓето. Имено, било откриено дека микробите од човечкиот организам можат да ги претворат фосфатите од храната во високо реактивни соединенија – фосфини, кои спонтано се запалуваат во допир со воздух. Меѓутоа, малку е веројатно дека тој е виновник за таа мистериозна и смртоносна појава, со оглед дека е детектиран само во мали траги во човечкиот измет.

Затоа, пак, можно е да е одговорен за чудното сјајно магличаво испарување кое на гробиштата се доживува како појава на духови, затоа што фосфорот се ослободува при распаѓањето на телата.

Проблемот со запаливоста ги згаснал сите надежи дека некогаш ќе може да се користи за внатрешно осветлување, но затоа пак тоа отворило „нова врата“ за кибритчињата, кои лесно се запалувале и на најмал притисок на „главата“.

Кибритите со бел фосфор масовно се произведувале во 19 век, а луѓето кои ги „натопувале“ дрвените стапчиња во загреана фосфорна смеса работеле по 14 часа во лошо проветрувани фабрики и постојано вдишувале фосфорни испарувања. Исто како и задолжените работници за мешање на хемикалиите во фабриките, тие биле изложени на сериозен ризик од фосфорно труење.

Поради лошата стоматолошка хигиена, фосфорот најпрво ја напаѓал вилицата кај човекот. Симптомите почнувале со болка во забот, кој набргу отпаѓал. Лицето на заболениот отекувало, а гнојните воспалувања се ширеле по целата вилица. Потоа се отворале рани на лицето, кои се продлабочувале до коските, кои кај затруените лица светеле со зеленикав сјај од акумулираниот фосфор.

И наместо заболениот пациент да се оддалечи од фабриката, со лична согласност, им била отстранувана заболената вилица.

Оние што го преживувале таквото измачување, останувале со трајни деформации. И покрај тоа што уште во 50-тите години од 19 век биле познати последиците од изложеноста на бел фосфор, кибритите од „ѓаволскиот елемент“ биле заменети со црвениот фосфор дури во 20 век.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура