X
 18.12.2023 Здравје

Лековите за слабеење дејствуваат, но има и лоша вест

Пациентите што за лекување дебелина го земале лекот тирзепатид на американската фармацевтска компанија „Ели Лили“ ја зголемиле телесната тежина откако почнале да земаат плацебо. Ова се резултати од истражување за ефикасноста на лековите за слабеење.

Меѓутоа, истражувањето покажало дека пациентите што продолжиле да го земаат лекот, кој во продажба е познат како „мунџаро“ и „зепбаунд“, продолжиле да губат телесна тежина. Лекот е одобрен за лекување прекумерна телесна тежина во САД, но во други делови од светот може да се користи исклучиво за лекување дијабетес тип 2.

Овој лек се смета за поефикасен од семаглутид, кој се продава како „вегови“ од страна на компанијата „Ново нордиск“. Пациентите што ги пијат овие лекови мора истовремено да се придржуваат до план на исхрана и да имаат физичка активност.

Во истражувањето учествувале 670 пациенти од повеќе земји во светот. Во период од 36 недели, учесниците ја намалиле телесната тежина за просечно 21 отсто.

Дел од учесниците пиеле плацебо во вториот дел од истражувањето, а дел продолжиле со истиот лек. Групата која се префрлила на плацебо вратила одредена телесна тежина до крајот од истражувањето.

Авторите посочуваат дека пациентите треба да продолжат со терапијата доколку не сакаат да ја вратат изгубената телесна тежина.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје