Албанските лагуни Караваста, Нарта, а сè почесто и Куне-Ваин, се полни со фламинга поради што бројот на посетители на овие крајбрежни места е зголемен.
Лагуната Нарта е позната и по името „Куќа за фламинга“ поради нејзината географска локација и длабочина на водата.
Разиграните фламинга нудат природен спектакл за локалните и странските туристи, а благодарение на забраната за лов, фауната во оваа област станува сè побогата.
Албанскиот министер за туризам и животна средина, Бленди Кљоси, на „Фејсбук“ објави фотографии од фламинга во Звернец и додаде дека тие се дополнителна атракција за туристите кои сакаат да набљудуваат
птици.
- Ефектите од мораториумот, кои се потврдуваат и со растечките бројки според најновите евиденции на птици, ги трансформираат албанските мочуришта во туристички дестинации со богата фауна и прекрасна природа - истакна Кљоси.
Лагуната Нарта на југозападот од Албанија е втора по големина во земјата, а поголема од неа е лагуната Караваста, исто така на западот од земјата.