„Визија“ е бенд од Скопје, Македонија, основан во ноември 2011 г. Бендот добива одлични критики од американската радиостаница WMBR и од британската музичка веб-страница Emerging Indie Bands, која на нејзината листа со 90 најдобри нови бендови од светот за 2014 година ја поставува „Визија“ на високото седмо место.
Бендот „Визија“ ќе биде хедлајнер на првата фестивалска вечер на Андерфест на 5 април 2019 година во „Јавна соба“ во Скопје. Влезот е бесплатен.
Кога е формирана „Визија“ и кои се нејзините членови?
Кон крајот на 2011 година првпат влеговме во една мала гаражичка под Плочник и ја почнавме приказната наречена „Визија“. Еве по повеќе од 7 години, сè уште сме во истата постава - Марко Џамбазоски, Марко Гапо, Лилјана Јанкова и Синиша Ѓорѓевиќ. Единствено ја променивме гаражата со нова и подобра просторија за вежбање.
На крајот од 2016 година го издадовте Вашиот прв албум со наслов „Гласно!“ Мошне интересен наслов, која е пораката што сакате да ја испратите преку овој наслов и преку песните од албумот, кажете ни нешто повеќе околу овој носач на звук?
Албумот „Гласно!“ беше промовиран во декември 2016, содржи 9 песни, снимени во три различни периоди од нашето постоење и снимен во три различни студија со цел албумот да биде реален музички израз на нашето постоење. Интересно е што покрај снимањето во Скопје, дел од материјалот го снимивме во Нови Сад, во соработка со продуцентот Алан О'Конел, познат музички продуцент на светско ниво кој работел со огромни музички имиња како што се Пол Макартни, „Дјуран, Дјуран“, Бруно Марс и други.
Се одлучивме албумот да го носи името „Гласно!“ затоа што најдобро ја отсликува нашата музика и пораката што сакаме да ја пренесеме. Гласно да се искаже став и гласно да се отсвири тоа. Рок-музиката, пред сè, мора да е погласна од сите негативни случувања во општеството.
Имате голем број настапи како во земјава така и надвор, каде сте настапувале и кој настап Ви оставил најголем впечаток?
Настапот пред 50.000 публика во 2013 година на 47. издание на Гитаријадата во Заечар беше едно надреално доживување кое тешко се заборава. Тогаш сè уште бевме млад бенд, во нашите почетоци, но првпат се почувствувавме „важни“. Веројатно токму тој настап ни отвори многу нови врати, па следуваа настапи на други големи фестивали во регионот, како што се „Демофест“ во Бања Лука, БиХ, „Миксер“ во Белград, Србија, „Лејк фест“ - Никшиќ, Црна Гора, „Rock and pop the borders" - Благоевград, Бугарија, Т'к - Так фест - Кавадарци, Рок-фест, Таксират и Земјотрес во Скопје и секако црешата на шлагот беше настапот на „Егзит“ во Нови Сад, Србија. Минатата година настапивме и на концертот на Суперхикс во арената „Борис Трајковски“, кој исто така ни остана во убаво сеќавање.
Кои се Вашите следни планови, дали може да очекуваме нов албум наскоро?
Ако се прашувате зошто последнава година не сме толку активни со настапи, тоа е затоа што решивме да се фокусираме на создавањето нов материјал за нашиот втор албум, а се надеваме дека многу набрзо ќе имаме можност да го презентираме на публиката.
Хедлајнер сте на овогодинешното прво издание на фестивалот Андерфест (прв тридневен фестивал на кој ќе учествуваат само македонски изведувачи), голема чест и привилегија, како дојде до тоа да настапувате на фестивалот и кое е Вашето мислење за овој тип фестивали.
На Скопје и генерално на Македонија ѝ недостигаат културни настани. Не само заради бендовите, туку и заради публиката. Жалосно е што постојат толку многу бендови, а имаме скромен број рок-фестивали каде што може да се чујат во живо. Би им порачале на сите млади бендови, а и оние што во иднина ќе ги формираат своите групи - да не се откажуваат иако ќе наидат на многу трнлив пат и заедно да се избориме за подобра сцена.
Драго ни е што бевме поканети да настапиме на овој фестивал и без размислување прифативме затоа што сакаме да ѝ дадеме поддршка на оваа иницијатива која се надеваме дека ќе прерасне во една традиција, која за многу млади бендови ќе биде отскочна штица каде што ќе почнат да созреваат и да се развиваат во големи музички имиња.
(Комерцијална објава)