X
 31.01.2020 Образование

Викторија Стојковски, еден од најмладите доктори на науки на УКЛО: „Вложувајте во знаење и личен развој“

Викторија Стојковски е еден од најмладите доктори на науки на УКЛО. Таа раскажува што значи да се биде млад доктор на науки и со кои предизвици се соочи на патот до таа титула.

Како еден од најмладите доктори на науки на УКЛО, односно најмлад во најновопромовираните, може да се рече дека одлично му пркосите на негативниот тренд за заминување на младите луѓе од државата...

- Искрено, не сум размислувала за заминување од државата, едноставно ова е мојата татковина, овде имам сѐ што ми треба, моето семејство, моите најблиски роднини, пријатели и не сум почувствувала потреба да ја напуштам државата и сето она што го имам овде, затоа што сум сигурна дека нема да го најдам во ниедна друга земја. Никогаш не знаеме што ни носи иднината, но во овој момент тоа е моето размислување.

Работите во банка и мајка сте на прекрасна 10-годишна ќерка. Вообичаено е кога зад себе имате вакви успеси да ни укажете на личната мотивација, она што Ве поттикнува да остварувате личен развој и баланс меѓу студиите, работата и семејството?

1

- За личната мотивација тешко дека можам да дадам соодветен одговор. Образованието отсекогаш ме привлекувало, тоа е нешто што мислам дека го имам во мене. Можеби затоа и го започнав своето образование на 5-годишна возраст и секогаш бев најмлада во генерацијата, а веќе на 17-годишна возраст бев матурант во средното економско училиште во Битола и се запишав на додипломски студии. Како најмлада, чувствував и одговорност да не заостанувам, а и поголема желба за докажување, па можеби токму тоа беше причина повеќе максимално да се вложувам себеси и секогаш да постигнувам одличен успех. Тоа не престана и кога  се омажив млада, бев втора година на факултет, создадов семејство и добив прекрасна ќерка, напротив, ми беше поттик за уште поголем саморазвој и на полето на образованието и на работен план. Балансот меѓу студиите, работата и семејството секогаш го постигнував со многу труд, многу непреспани ноќи и секако, со голема поддршка од семејството, така што со добра организација успеав да постигнам баланс без тоа да влијае врз моите најблиски.

Накратко за темата и мотивот да го работите токму дадениот докторски труд: „Примена на системи за поддршка на одлучувањето во процесот на менаџерското одлучување во македонските компании“?

- Во денешни услови донесувањето менаџерски одлуки е сè потешко од причина што потребата за брзо донесување одлуки е зголемена, вообичаено е преоптоварувањето со информации, како и постоењето на дисторзија во информациите. Бројот на идентификуваните алтернативи и оние што се земаат предвид може да биде многу голем, но и секоја алтернатива може да биде комплексна. Компјутерски базиран систем може да им помогне на одлучувачите да се справуваат со овие прашања, како и да им помогне да ги идентификуваат и следат алтернативите. Поради зголемената комплексност, но и брзите промени и ескалацијата на ризиците со кои се соочуваат менаџерите и компаниите, сè повеќе се наметнува потребата од компјутеризирана поддршка на одлучување, па оттука и мотивот за истражување на технологиите за поддршка на одлучувањето, кои може да создадат значајна поддршка овозможувајќи им на одлучувачите брзо да донесуваат добри одлуки и покрај тоа што им недостига одредено знаење. Од добиените резултати во трудот се осознаваат можностите за примена на системите за поддршка на одлучувањето во процесот на менаџерското одлучување и бенефитите кои произлегуваат од таа примена, како и влијанието кое системите за поддршка на одлучувањето го имаат врз степенот на задоволство на менаџерите и врз продуктивноста на компанијата.

2

Колку време посветивте на истражување до конечното оформување на докторскиот труд и каде може истиот да најде практична примена?

- Околу три години беа потребни за конечно оформување на докторскиот труд, со оглед на тоа што за предмет на истражување беа средните и големите компании во државата, па и повеќе време и напор беше потребно за добивање на потребните информации за истражувачкиот дел од трудот, а општественото значење на истражувањето се согледува во можноста на компаниите да добијат знаења во врска со видовите системи за поддршка на одлучувањето, стекнувањето на конкурентска предност со нивна примена и влијанието кое го има нивната примена врз продуктивноста на компанијата.

Често во нашата земја може да се слушнат коментари за образовниот систем и дека кај нас знаењето не се цени доволно? Какво е Вашето мислење и што може да ни пренесете како лична импресија?

- Коментарите околу образовниот систем во нашата земја можеби повеќе се однесуваат на тоа дека знаењето не се цени доволно, а не би се согласила дека имаме лош образовен систем, со оглед на тоа што имаме толку надарени и талентирани кадри кои постигнале голем успех како во нашата држава така и надвор од државата. Лично сметам дека знаењето секогаш излегува на површина и дека секогаш треба да вложуваме во своето знаење и личен саморазовој, а тоа секако ќе вроди плод.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование