Кога моторот на авион на „Саутвест ерлајнс“ експлодира пред неколку години, една жена речиси беше извлечена надвор од авионот преку скршениот прозорец покрај неа, раскажуваа другите патници на летот. Тоа звучи невозможно и службени лица сè уште не ги потврдиле тие информации, но и претходно се случувало луѓе да бидат извлечени од оштетени
авиони.
Моторот на „боингот 737“ експлодира додека авионот леташе од Њујорк до Далас, што предизвика принудно слетување во Филаделфија. Едно лице загина, а неколку беа повредени, но од американскиот Национален совет за безбедност во сообраќајот истакнаа дека немале информации за тоа дека патник бил речиси исфрлен од леталото среде летот.
-Иако фаталните летови се екстремно ретки, имало случаи кога патници биле исфрлани од оштетени, односно авиони со пукнатина - објаснува Томас Ентони, директор на програмата за авијациска безбедност при Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Ова може да се случи бидејќи внатрешноста на авионот е под притисок за да можат луѓето да дишат додека авионот се искачува во повисоки алтитуди и понизок воздушен притисок. Според Ентони, разликата во притисокот меѓу внатрешноста и надворешноста на авионот предизвикува извлекување на телата нанадвор. На колку поголема висина е авионот, толку е поголема разликата во притисокот. Точката на притисок во авионот го одржува воздухот во авионот на ниво на кое луѓето можат комотно да дишат. Како што се зголемува алтитудата, така надворешниот притисок се намалува.
-Комерцијалните летови се одржуваат на алтитуда на притисок од околу 8.000 стапки за да можат луѓето комотно да дишат. Кога ќе се отвори дупка, има помал притисок, помалку кислород и тогаш паѓаат маските за кислород - објаснува Ентони.
Тој додава дека ако авионот е оштетен, во него се случува брзо намалување на притисокот и може некој да биде исфрлен од леталото. На прашањето дали има разлика кога намалувањето на притисокот се случува поради мала и кога се случува поради голема дупка, тој вели дека има. Ентони потсетува на случајот со авионот на „Алоха ерлајнс“, кога целиот покрив на авионот отпадна. Во тој случај загина една стјуардеса, која беше исфрлена од леталото, но неверојатен број луѓе преживеаја.
Во однос на најбезбедните седишта во случај на брзо намалување на притисокот во авионот, Ентони вели дека тоа се седиштата што се сместени кон средината на авионот. Тој објаснува и како да постапувате во ваков случај.
- Не мора да го задржувате здивот, сè уште има кислород. Само вие вдишувате помалку. Имате време да ја повлечете маската надолу и да ја ставите на лицето. Значи, не задржувајте го здивот, однесувајте се нормално и повлечете ја маската надолу и дишете кислород - вели тој.
Ентони одговара и на прашањето дали е можно авионот да биде распарчен поради намалувањето на притисокот.
- Тоа прашање може да се одговори со фактот дека овој феномен не ни е познат. Значи, ако е „не“, тоа е приближно „не“ бидејќи во мојата професија на проучување несреќи уште од воведувањето на авионите ова не е нешто што сме го виделе. Затоа е екстремно неверојатно. Летот на „Алоха“ ви покажува дека авионот продолжил кон безбедно слетување иако го немаше покривот на авионот. Тоа говори за структурниот интегритет на леталото - заклучува Ентони.