X
 25.02.2019 Живот

Граѓанска војна, воен пуч, оставка на Мадуро - можни сценарија за Венецуела

Ескалира кризата во Венецуела. Десетина лица загинаа, а триесетина се повредени во судирите што избија на границата помеѓу Венецуела и Бразил.

Околу 300 лица се повредени во нередите што се случија на границата со Венецуела. Жителите на државата дополнително беа разгневени од одлуката на владата да го спречи влезот во државата на неколку камиони што носеле хуманитарна помош. Кои се сценаријата со кои би можела да се соочи Венецуела?

Мадуро останува на власт

Решението што има мали шанси за реализација станува сè поизвесно. Поддршката, помалку или повеќе компактна, од воениот и паравоениот врв, како и меѓународна заштита од две постојани членки на Советот за безбедност на ОН, Кина и Русија, претставува солиден адут на Мадуро.

мадуро
Фото: Tanjug - AP


Оставка на Мадуро и именување нов лидер

Не е исклучено Мадуро, под притисок од воената и паравоената врхушка, како и своите меѓународни спонзори во Москва и Пекинг, да се повлече и да даде оставка, именувајќи свој наследник. Со тоа би станувало збор за козметичка промена со цел да се смират тензиите во Венецуела и притисоците на меѓународната сцена. Такво сценарио би можело да биде поддржано од Кина и Русија бидејќи би ги загарантирало заемите и инвестициите што се мерат со милијарди долари.

Граѓанска војна


Каква било интервенција однадвор, вклучувајќи ја и американската, би довела до граѓанска војна. Атмосферата веќе е толку вжештена, што е доволна една искра за да покрене лавина насилство со несогледливи последици. Во својата историја Венецуела има неколку крвави граѓански војни. Претседателот на САД, Доналд Трамп, не ја исклучи можноста за воена интервенција, а неговиот советник Џон Болтон потврди дека сите решенија сè уште се на маса. Сепак, според извори во Вашингтон, се работи само за тактичка реторика. Истовремено, јасно е дека Бразил и Колумбија не смеат да се мешаат во конфликтот во Венецуела без силна поддршка од Вашингтон.

Воен пуч

Засега Мадуро има поддршка од воениот врв, но бидејќи не му припаѓа на воениот естаблишмент, не е исклучено некој од младите полковници или генерали да се обиде да тргне по стапките на Уго Чавез. Не е исклучено ваквото сценарио да биде организирано со поддршка на сегашната опозиција.

Доаѓање на опозицијата на власт

Претседателот на парламентот, Хуан Гваидо, се прогласи за привремен шеф на државата. Освен признавањето од САД, некои од земјите-членки на ЕУ и уште неколку важни држави, Гваидо нема друга поддршка. Гваидо е аутсајдер и за самата опозиција. Тој не е дури ни во првата линија на венецуелски лидери на опозицијата. И во опозицијата постојат големи разлики - освен желбата за соборување на режимот на Мадуро, не постојат многу заеднички точки, особено околу рецептот за спас на венецуелската економија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот