Во главниот град на Јемен, Сана, се одржа еден на прв поглед сосема обичен турнир во билјард. Сепак, фотографиите од жените што се натпреваруваат го обиколија светот поради добра причина.
Во организација на жените од јеменскиот билјардски спортски сојуз, турнирот привлече 16 учеснички. Повеќето од нив имаат околу 20 години и се подготвени да рушат табуа во длабоко патријархалното општество. Некои од нив се натпреваруваа носејќи никаб, додека другите играа носејќи само марами на косата.
- Наклон пред жените што го направија овој чекор и покрај околностите во кои се наоѓаме поради војната - истакна директорката на женската секција, Балкис Хусеин Рифат.
Таа објасни и дека бунтовничката администрација во Јемен не се противела на турнирот, туку ги поттикнувала жените да учествуваат секаде, особено во спортот и во
политиката.
Фото: Noizz
Балкис изјави и дека јеменското општество малку се отворило, но призна дека сè уште има многу фамилии кои не сакаат да им дозволат на жените да се занимаваат со спорт.
- Сите знаат дека жените се половина општество. Како сум половина општество ако се кријам дома - прашува една од натпреварувачките.
Според податоците на УНИЦЕФ, повеќе од 40 отсто од девојките во Јемен се венчале пред 15-тата година, а три четвртини до 18-тата. Стапката на детски бракови се зголемувала од војната, која изби во 2014 година.
Војната што во 2014 година ја започнаа Хусите е причина за смртта на 500 жени, додека 1.950 се здобиле со повреди. Околу 3 милиони жени немаат соодветна здравствена заштита и се соочуваат со разни болести.
Жените во конзервативниот Јемен се граѓани од втор ред. Освен што се принудени на присилни бракови, тие често се и злоупотребувани, но во последно време се здружуваат за да кренат глас против неправдите.