Ангелина Станојоска, професорка на Правен факултет - Кичево, Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ, Марина Стојанова, професорка на Факултетот на земјоделски науки и храна при УКИМ, Светлана Вељановска, професорка на Правниот факултет во Кичево, Елена Наумовска, професорка на Економски факултет при УКИМ и Марко Костовски, асистент на Медицинскиот факултет при УКИМ беа најчестите имиња на спроведената анкета на Факултети.мк на прашањето „Кој професор ви остави најголем впечаток изминатава година?“
Студентите го дадоа својот глас, ги избраа професорите, асистентите, демонстрантите што им оставија најдобар впечаток изминатава студентска година, кои важат за омилени професори чии предавања брзо поминуваат. Ангелина Станојоска, професорка на Правниот факултет - Кичево, Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ, Марина Стојанова, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, Светлана Вељановска, професорка на Правниот факултет во Кичево, Елена Наумовска, професорка на Економскиот факултет при УКИМ и Марко Костовски, асистент на Медицинскиот факултет при УКИМ беа најчестите имиња на спроведената анкета на Факултети.мк на прашањето „Кој професор ви остави најголем впечаток изминатава година?“
Ангелина Станојоска ги учи, мотивира и ги инспирира студентите
Според зборовите на студентите, предавањата на професорката Ангелина Станојоска од Правниот факултет во Кичево се одлични и таа секогаш е достапна за нив, подготвена да им помогне да ги совладаат сите нејаснотии, да ги вклучи во воннаставни активности.
„Одличен професор, одличен ментор, постојано нѐ мотивираше да учиме нови работи од областа на криминологијата, постојано достапна за сите наши прашања и барања“. „Секојдневно соработува со нас како студенти, има позитивно влијание врз нашите животи и се труди нешто да научиме и во воннаставните активности“, се само дел од коментарите на студентите за Станојоска.
- Секој студент посакува да учи од најдобрите, да биде мотивиран, да биде поддржан, почитуван. Ние, студентите од Правниот факултет во Кичево ја имаме таа чест и привилегија бидејќи учиме од најдобрата, личноста која постојано нѐ мотивира и ни докажува дека нашите желби не се неостварливи, нè поттикнува да бидеме подобри личности и подобри правници. Професорката Ангелина е една од нас, ги слави нашите успеси, нè мотивира да не се откажуваме, таа е пример за сите нас - пишува еден студент.
Ангелина Станојоска
Стефан Андонов - најдобар на ФИНКИ, Марина Стојанова - на Факултетот на земјоделски науки и храна
За Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ, велат дека е најдобриот асистент, најфер кон студентите на ФИНКИ, секогаш достапен за какви било прашања и одлично го објаснува материјалот.
- Топол однос спрема сите студенти. Одговара на сите прашања без разлика дали се за неговиот предмет или не. Предава на начин кој сите може да разбереме. Потенцира работи кои навистина ни се потребни за испитите и за работа во иднина, не ставајќи акцент на непотребните делови. Секогаш известува точно за тоа што треба најмногу да спремиме за испитите, со цел да ни биде полесно. Дава задачи што се со иста тежина која се покрива во текот на семестарот, нешто што ретко би го направил кој било друг асистент до сега. Затоа што се става во улога на студент и се труди да им помогне на студентите - пишуваат студентите за Стефан.
Најкреативните, најдобрите и најразбирливите предавања на Земјоделски се со Марина Стојанова. Со интеракција, интересни лабораториски вежби и максимална вклученост на студентите во предавањата.
- Иако предметот Исхрана на растенијата е прилично обемен, професорката го предаваше на многу јасен начин со многу практични примери од нејзино искуство. Овој предмет ќе ми остане во сеќавање затоа што можам наученото да го применам во нашето семејно земјоделско производство - вели еден студент.
Велат дека професорката секогаш ја поврзува теоријата со практиката. Комуникативна и инспиративна професорка. Исто така, велат дека е позитивна и реална, квалитетна, со најдобар метод на оценување, одличен пристап кон студентите.
- Редовно ги одржува сите часови во семестарот, имаме најдобри лабораториски вежби. Знаењето што го стекнуваме по предметот Исхрана на растенијата многу ќе ни користи во понатамошната кариера. Се учи многу креативно и практично, преку многу лабораториски анализи, примери од практиката и сето тоа нѐ оспособува знаењето да го примениме на терен. А, кога нешто се учи и практично, тогаш тоа знаење останува долгорочно. Така е со професорката Марина - пишуваат студентите.
Марина Стојанова
Потребни се повеќе професори како Елена Наумовска и Светлана Вељановска
Светлана Вељановска, професорка на Правниот факултет во Кичево, ја паметат по коректноста, професионалниот однос, начинот на кој го пренесува знаењето...
„Со најмал контакт со професорката добиваш нови знаења кои ќе ги понесеш со себе. На полагање речиси и да немаш никаква трема или стрес, толку се пријатни усните испити што потоа се преиспитуваш себеси за секој нов детаљ што си го научил благодарение на професорката Светлана“, коментираат студентите.
Елена Наумовска, Економски факултет при УКИМ, исто така, е една од најпочитуваните професорки од студентите. Велат дека секое предавање го започнува со мотивациони пораки кои навистина се стимул за учење, дека има другарски однос кон студентите, прекрасно предава и до најситни детали со цел да се сфати материјалот. Не продолжува на наредна тема додека секој студент не разбере сè.
- Не постојат зборови што ќе опишат колку многу ја сакам и почитувам професорката Елена, мислам дека не постои друг таков професор. Имало многу други што ми оставиле добар впечаток, но како неа не постои! Професорката Елена има разбирање буквално за сè, и за обврските што ни се надвор од факултет. Таа пред секое предавање ни држеше психолошко-мотивациони говори што ни дозволуваат остатокот од денот да зрачиме со позитивна енергија, мотивација и продуктивност! Нејзиниот мил и учтив глас, нејзиното разбирање ме натера уште повеќе да го засакам учењето, предавањата, ме натера да верувам во себе! Професорката Елена е премногу одговорна и полна со знаење и љубов. Се однесува најпрво како пријателка/другарка, а потоа како просветен работник - пишува еден од студентите.
- Ни требаат повеќе професори како неа. Кој имал можност да присуствува на нејзините предавања, знае што зборувам - е впечатокот на студентите за Елена.
Асистентот Марко Костовски од Медицински, УКИМ, важи за посветен и едноставен, но строг.
- Професорот е стварно супер, еден од ретките кој се однесува со почит кон нас. Многу е строг, ама многу ни дава знаење и секогаш е фер со сите. Најдобар на Медицински факултет. Најдостапен е на платформите за онлајн комуникација, отворен за соработка. Ми значи начинот на комуникација - пишуваат анкетираните студенти.
За професорите, голема е честа што се избрани од студентите. Еве што велат тие:
Повеќето од професорите се пријатно изненадени што се најдоа на листата со професори што оставиле најдобар впечаток кај студентите. Кога нешто се работи со многу ентузијазам, љубов и задоволство, не претставува тешкотија истиот тој ентузијазам да им се пренесе и на студентите, вели професорката
Марина Стојанова.
- Часовите од групата предмети Исхрана на растенијата никогаш не се монотони, каде што само професорот предава, а студентите слушаат. Напротив, секогаш се обидувам да поттикнам интеракција, дискусија, размена на идеи, логичко, креативно и критично размислување. Сето тоа го правиме преку изработка и презентација на семинарски работи, изработка на различни програми за ѓубрење, каде што студентите се во улога на професионалци кои треба да дадат мислење и препорака за зададен проблем. Она што сакам да го потенцирам е дека по секој час, задолжително имаме лабораториска вежба, каде што секој студент работи индивидуално. На тој начин, она што теориски се предавало, студентите имаат можност практично да го видат и работат во лабораторија, со цел да стекнат поголемо искуство. Сето тоа секогаш е поврзано со многубројни примери од практиката, од терен, од земјоделските производители со кои соработувам, и на тој начин се трудам студентите да ги подготвам за работа како идни земјоделски инженери. Бидејќи, како што рекол Ајнштајн: Знаење е она што ќе остане откако ќе се заборави сѐ што е научено во училиште. На студентите им порачувам да ја вложат сета своја енергија во стекнување нови знаења и искуства, но и да веруваат во себе, бидејќи иднината им припаѓа на оние што веруваат во убавината на своите соништа, а нивното остварување се темели на вистинското знаење! - вели професорката Марина.
Ангелина Станојоска, како професорка по предмети од областа на криминологијата, смета дека е во добра позиција колку што може повеќе да ги користи можностите на технологијата.
- Денес е невозможно да предавате за криминалното однесување, а да не користите практични примери и тоа и примери од минатото, но и нови, затоа што, за жал, кривичните дела се случуваат постојано, но и посета на институции поврзани со овој тип однесување. На таков начин, студентите, покрај книгите, ги користат и можностите на новите технологии за да учат за етиологијата на криминалот. Целта на моите предмети е на крајот студентите да се стекнат со знаења за криминалот, неговите карактеристики и теориите кои го објаснуваат истиот, сторителите и жртвите, како и за системот на санкции и правата и положбата на осудените лица во пенитенцијарниот систем. На ваков начин, нашите професионалци од системот на кривична правда ќе имаат доволно знаење кое ќе го надградуваат во текот на својата професија. Како професорка, секогаш се обидувам да сум достапна за моите студенти, да им помогнам во текот на студирањето и, се разбира, во нивната изградба како професионалци. Поради тоа, работам и како тренер во клубот Титус Флавиус Орестес преку кој заедно со студентите учествуваме на регионални симулации на процеси пред ЕСЧП, се дружиме и натпреваруваме. На сите млади луѓе, посебно на моите студенти, би им порачала да веруваат во себе и во своите соништа, напорно да работат на нивното остварување затоа што на крајот дисциплината и интелектуалниот влог ќе се исплатат - ни изјави Ангелина.
Светлана Вељановска
Професорката Светлана Вељановска истакна дека ѝ ми причинува големо задоволство што е посочена од студентите како омилена.
- Изминатиов период кога имавме онлајн настава навистина беше потребен поголем труд и енергија од вообичаено за да се задржи вниманието и интересот на колегите студенти и секако да се доближи наставната материја за да биде разбирлива и да се прифати од нивна страна. Сепак, кога како професор знаеш дека имаш студенти желни за знаење, трудот се исплати и енергијата пренесена на часовите се надоместува многукратно кога при проверката на наученото се добива позитивен фидбек од нивна страна. Студентите знаат да го ценат вниманието и трудот кој го вложувам во нив, за што сведочи и ова признание од нивна страна, кое верувајте ми, многу ми значи! Посакувам следната академска година да се вратиме целосно во предавалните и комуникацијата со студентите да биде на уште повисоко рамниште - изјави Вељановска.
Професорката Елена Наумовска верува дека идните работодавци ќе го препознаат квалитетот на нејзините студенти:
- Драги студенти, сега кога „благодарам“ е малку да се каже, дозволете и јас јавно да го искажам своето признание упатено кон вас. Да се биде покрај вас е вистинска гордост и привилегија. Со вашиот ентузијазам, желбата за стекнување нови знаења и подготвеноста за соочување со нови предизвици, влевате надеж и верба. Вие сте потенцијалот кој укажува на тоа дека следуваат генерации кои имаат капацитет да дадат свој придонес и да ја донесат неопходната интелектуална свежина, генерации кои несомнено треба да бидат препознаени на пазарот на трудот. Верувам дека вашите идни работодавци ќе го препознаат она што во себе го носите и дека ќе успееме да ве задржиме дома, во нашата Македонија. Да продолжиме заедно да придонесуваме, секој еден онаму каде што може. И тогаш кога е најтешко, не повлекувајте се. Сетете се на виртуелниот амфитеатар од вашите студентски денови поминати во време на пандемија, за да ве потсети дека себенадминувањето секогаш е убедливо подобар избор од себесожалувањето, а токму вие имате одговорност и доблест да бидете промената која сакате да ја видите околу себе. Верувам дека ќе успеете!
Стефан Андoнов, демонстратор на ФИНКИ, споделува: Пред 3 години, по многу двоумење, го напуштив работно место од компанија во која многу верувам, со една цел - да се приклучам во наставата на ФИНКИ. Оваа награда од студентите ми покажа дека најверојатно сум го направил вистинскиот избор. На ФИНКИ држам вежби точно 6 семестри од кои голем дел, односно 5, се одвиваа преку онлајн настава, па ми претставува огромна чест што оваа позитивна оцена ја добив од студенти кои најверојатно ме немаат воопшто запознаено.
Стефан Андонов
Тој ни објасни и како ги одржува часовите и како се поврзува со студентите.
- Почетокот на пандемијата, како и на онлајн наставата, значеа дека во рок од една недела моравме целосно да ја промениме техниката според која се одвиваа вежбите и да смислиме нови начини за задржување на вниманието на студентите кои гледаат во екран во просек 2 часа по вежба. Тоа го постигнавме преку квизови кои носеа бонус поени, заедничко решавање задачи со студентите за време на вежбите, почести консултации, решавање нови задачи кои ги нема во материјалите, снимање на часовите итн. Верувам дека вниманието на студентите најсилно го привлекувам со поттикнувањето на интерактивноста на вежбите (понекогаш сум дури и здодевен додека не добијам повратен одговор), како и со поврзување на материјалот од вежбите со проблеми од индустријата со кои ќе се соочат за неколку години. Со студентите успевам да се поврзам добро најверојатно поради блискоста во годините, но и поради тоа што секогаш сум целосно искрен со нив. За жал, не секогаш ја имам можноста да известам студент дека добил десетка - често известуваме дека оценката е петка. Во таа ситуација сметам дека е многу важно на студентот најдетално да му биде објаснето кои се грешките и недостатоците во решенијата, на сличен начин на кој за неколку години постар колега во фирма ќе му го прегледува програмскиот код на дневно ниво. Според мене, испитите не треба да бидат само механизам за проверка на знаењата, туку и механизам за учење од грешките. На моите студенти, воден од мои грешки, сакам да им порачам дека двете најважни вештини што треба да ги стекнат за време на студиите се менаџментот на времето и навиката за учење. Со добар менаџмент навреме ќе можат да уживаат во најубавите години од својот живот, да патуваат (задолжително на work and travel секое можно лето) и секако да ги положуваат предметите на факултет. Со стекнување на навиката за континуирано учење, освен што полесно ќе го завршат факултетот, студентите ќе немаат никаков проблем кога ќе се приклучат во ИТ-индустријата, бидејќи учењето нови работи ќе им биде дел од нивните секојдневни работни обврски - вели Стефан.
Фотографии: приватна архива