X
 20.06.2023 Образование

Две сребра и една бронза за македонските средношколци на Европската олимпијада по физика

Денеска во Хановер Германија, заврши 7. Европска олимпијада по физика. На оваа олимпијада учениците од Македонија го забележаа најголемиот успех во досегашното учество на Европската олимпијада, освојувајќи два сребрени медали, еден бронзен медал и една награда за успешно учество (пофалница), соопшти Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ).

Оттаму истакнуваат дека Јан Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје, и Мајкл Георгиевски, ученик во четврта година во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ - Кавадарци, освоиле сребрен медал. Емилија Николовска, ученичка во трета година во Математичко - информатичка гимназија - Скопје, освоила бронзен медал, а Матеј Гелев, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје, добил награда за успешно учество (пофалница). Во тимот учествувал и достојно го покажал своето знаење и Дамјан Стојанов, ученик во втора година во ПСУ„ Јахја Кемал“ - Скопје.

Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ.

На 7. Европска олимпијада која се одржа од 16 до 20 јуни учествуваа 38 држави и тоа 28 држави од Европа и 10 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да пријави тим од 5 ученици.

Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) се заблагодари на водачите на тимот кои презедоа најголем товар при подготовките на учениците, како и на дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветија голем дел од времето за успешна подготовка на тимот.

ДФРМ се заблагодари и на Институтот за физика и на Природно-математичкиот факултет за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема. ДФРМ се заблагодари и  на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада. Останатите средства беа обезбедени од страна на ДФРМ.

ДФРМ им честита на сите ученици за достојното претставување на Македонија на оваа олимпијада и на наградените ученици. Тие се дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на 53. Меѓународна олимпијада по физика во Токио, Јапонија следниот месец!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование