Хуманистичките и општествените науки се во фокусот на вниманието на Меѓународната конференција што цела недела се одржува на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Темата е „Иновации во хуманистичките и општествените науки“, а учествуваат 25 гости-предвачи од исто толку универзитети од регионот, од Европа, Канада и од САД.
Секој ден се одржуваат претпладневни и попладневни сесии, кои даваат нови аспекти во овие области не само за предавачите, туку и за студентите.
Проф. д-р Маја Геровска-Митев, продекан за наука и меѓународна соработка на Филозофскиот факултет, вели дека Меѓународната недела е годишен настан. Факултетот секоја година го организира овој форум за да им понуди на студентите поинаква перцепција на интерактивното образование, за теми кои се интердисциплинарни од доменот на хуманистичките и општествените науки.
- Темата е различна секоја година. Овој пат фокусот е на иновациите, но не низ она што е познато, апликации, преземање, туку анализа на концептот, колку можеме да го пронајдеме низ минатото, низ религијата, филозофијата. Се обидуваме да им понудиме поширока димензија и платформа и на истражувачите и на студентите - вели таа.
Интересни предавања опфатија различни аспекти од областа. Беше претставен проектот „Пристапно дигитално културно наследство“, чиј координатор е Филозофскиот факултет, a партнери се универзитетите „Тор Вергата“ од Рим, „Примоска“ од Копер, Словенија, и невладината организација „Артифактори“ од Атина. Доц. д-р Давор Пискач од Универзитетот во Загреб одржа предавање на тема „Литературна библиотерапија - иновативен пристап кон читањето литература“, а проф. д-р Дејвид Прис од Универзитетот „Нортхамптон“, Обединето Кралство, зборуваше за „Меѓудисциплинарна работа со аутизмот и промоција на позитивни исходи“. Проф. д-р Апостолос Спанос од Универзитетот „Агдер“, Норвешка, се осврна на темата „Игрите и играњето како историски извори“, а проф. д-р Андре Симоес од Универзитетот во Лисабон, Португалија, одржа предавање на тема „Иновациите и класичните јазици“.
Претходно проф. д-р Доминик Пуло од Универзитетот во Сорбона, Франција, предаваше на тема „Дали студиите за наследството се предизвик или иновација за историјата на уметност“, додека проф. д-р Марк Гинсберг од Универзитетот „Џорџ Мејсон“ од САД зборуваше за „Нови пристапи и актуелни состојби во образовната политика на САД“.