Летната школа, која ќе трае до 24 јуни, е во соработка со Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево и Универзитетот за применети науки во Велика Горица, Хрватска
Филозофскиот факултет од Скопје е домаќин на Меѓународната летна школа „Управување во услови на мигрантски кризи“, која е наменета за сите што сакаат да стекнат специфични знаења, како и да ги подобрат своите постојни знаења во полето на ефективно и ефикасно дејствување во случај на кризни ситуации создадени во услови на мигрантски и бегалски кризи.
Летната школа, која почнува денеска и ќе трае до 24 јуни, Филозофскиот факултет ја организира со Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево и Универзитетот за применети науки во Велика Горица, Република Хрватска, а и многубројни владини и невладини организации чии примарни и програмски активности се поврзани со управување со кризи, предизвикани од разни непредвидени ситуации, учествуваат во спроведувањето на оваа академска програма за доживотно образование.
Ќе се спроведува во Скопје и во Гевгелија, а најавени се многу гости од регионот.
Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, вели дека школата нуди можност на теоретски, практични предавања и вежби на експертите од Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска за геополитиката и демографијата на тековните миграциски кризи, како се менаџираат кризните состојби, како функционираат службите задолжени за кризни состојби и нивната координација, механизмите за заштита на интегритетот и психосоцијална поддршка.
- Ќе се учи за работа во кризна ситуација со бегалци и мигранти, идентификација на потребите и обезбедување различни нивоа на првична интервенција на терен, камп-менаџмент, посета на транзитните центри за бегалци во Македонија. Целта на школата е, покрај проширување на знаењата на студентите, да поттикне интерес и кај разни професионалци од регионот и од Европа за да се засилат капацитетите и човечките ресурси во секоја земја за справување со наредни можни мигрантски кризи – вели Дуев.
Студентите ќе имаат и практична работа, која ќе опфати воспоставување база за операција на тимот за управување со камп, изработка на план за транзитно-прифатен камп за бегалци со капацитет за 500 луѓе, како и воспоставување организација на камп.
Учесниците на Летната школа ќе можат да ги слушаат предавањата на македонски, босански, хрватски, српски и на англиски јазик. Тие ќе добијат сертификат и додаток диплома (Supplement), која ја опишува програмата на школата.