Сите училишта и високообразовни институции во Обединетите Арапски Емирати ќе бидат затворени во период од четири недели, соопшти министерството за образование.
- Министерството за образование најавува ран почеток на пролетниот одмор за училиштата - изјави државната новинска агенција „Вам“ во вторникот на својот твитер-профил.
Според твитот, учениците ќе присуствуваат на часови виртуелно преку иницијатива за учење од далечина.
Исто така, министерството почна програма за дезинфицирање на образовните институции.
Пролетниот одмор обично почнува на 29 март и трае до 12 април, но сега образовните институции ќе бидат затворени од 8 до 29 март.
Во понеделникот министерството ја тестира програмата за учење на далечина во одредени училишта. Од родителите е побарано да обезбедат поволно опкружување за учење на учениците во своите домови.
Фото: Unsplash
- Исто така, родителите треба да обезбедат нивните деца да ги завршат сите лекции - изјави министерството за образование.
ОАЕ не е единствената држава што одлучи да ги затвори училиштата. Кога средношколец од средното училиште „Џексон“ во Вашингтон имал позитивен тест за коронавирус, училиштето беше привремено затворено, додека целиот кампус беше подложен на дезинфекција.
Низ светот милиони ученици и студенти веќе се потпираат на технологијата за часови на далечина бидејќи училиштата не работат. Во Сан Франциско едно училиште почнало соработка со „Аутскул“, стартап-компанија што нуди интерактивни часови во живо преку видеоконференција. Стартап-компанијата веќе им држи бесплатна обука на наставниците за користење на нивната платформа.
Во Кина околу 180 милиони деца се заглавени дома поради карантинот. „Агора“, стартап-компанија од Силициумската долина, во соработка со најголемиот образовен провајдер во Кина - „Њу Ориентал еџукејшн енд технолоџи груп“, создаде платформа што се користи на масивно ниво.