X
 20.03.2023 Образование

МОН: Прашањата за матурата ќе се однесуваат само за најважните нешта од материјалот

Министерството за образование и наука информира дека испитниот материјал за полагање на државната матура во учебната 2022/2023 е соодветен на случувањата во училиштата во целиот изминат период на образование на оваа генерација матуранти.

- Испитните комисии што ги подготвуваат прашањата имаат предвид дека наставата повремено се организира онлајн поради пандемијата на ковид-19 и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар. Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование. Олеснителна можност беше дадена и пред две години, кога се одлучи наместо три екстерни и еден интерен предмет, матурантите да полагаат два екстерни и два интерни предмети, концепт по кој полагаат и годинашните матуранти - соопштија од МОН.

Оттаму додаваат дека датумите за полагање на испитите се дефинирани во Календарот за организација на работата на јавните средни училишта во учебната 2022/2023 година и учениците имаат доволно време да се потсетат на тоа што е поминато и научено.

- Министерството за образование и наука го цени мислењето на средношколците и затоа тие се дел од креирањето на образовните политики. Во таа насока, денеска на барање на Организациіата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите ОДАС, беше одржана средба во чиј фокус беа подготвителните активности за организирање на процесот на полагање државна матура во учебната 2022/2023 година. Исто така, МОН во наредниот период ќе организира состаноци и со Сојузот на средношколци, како и други засегнати институции во овој процес - се вели во соопштението, во кое е наведено дека двете страни се согласни дека државната матура е важен процес, затоа што значи заокружување на средното образование и е основен услов за запишување на високообразовна установа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование