X
 20.04.2023 Здравје

Македонија е на второто место во Европа и Централна Азија на негативната ранг-листа според бројот на деца со нула дози вакцини

Перцепцијата на јавноста за важноста од рутинската вакцинација на децата е намалена во Македонија од почетокот на пандемијата на ковид-19. Ова го покажува новата анализа на податоци за 55 земји од светот – од кои 29 се наоѓаат во Европа и Централна Азија, вклучувајќи ја и Македонија. Анализата е дел од новиот глобален извештај што УНИЦЕФ го објави денес.

Извештајот „Состојбата на децата во светот во 2023: Вакцинација за секое дете“ претставува најсеопфатна процена на рутинската имунизација што досега ја има направено УНИЦЕФ. Врз основа на податоци од 2021 година, извештајот посочува дека во Европа и Централна Азија, второто место на негативната ранг-листа на земји според бројот на деца со „нула дози“ го делат Македонија, Босна и Херцеговина и Киргистан (11% од децата помали од една година), по Молдавија каде што оваа стапка изнесува 13%. Терминот „нула-дози“ се однесува на децата што немаат примена никаква вакцина.

- Иако опфатот со рутинска вакцинација на децата во Македонија порасна во последнава година по пандемијата, она што загрижува е падот на довербата во вакцините кои се даваат во детството. Имунизацијата е една од најзначајните успешни приказни на човештвото. Таа доведе до искоренување на болести како вариола вера и спаси милиони животи од опасни заболувања меѓу кои ќе ги споменам малите сипаници и полиото. Не смееме да дозволиме бранот од страв и дезинформации, дополнително засилен од пандемијата, да ги доведе под ризик животите на децата - изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата. 

На глобално ниво, падот на довербата се случува во време на најголемо континуирано назадување во областа на имунизацијата на децата кое трае последниве 30 години. Пандемијата го наруши вакцинирањето на децата речиси насекаде, најмногу заради огромните притисоци врз здравствените системи, пренасочувањето на ресурсите за имунизација кон вакцинацијата против ковид-19, дефицитот на здравствени работници и карантинските мерки кои им беа наметнати на граѓаните. Како последица, 67 милиони деца на светско ниво не беа рутински вакцинирани во периодот меѓу 2019 и 2021 година, при што опфатот со вакцинација опадна во 112 земји.

За разлика од светските трендови, каде што децата кои живеат во најсиромашните и руралните средини се тие кои најчесто не добиваат една или повеќе рутински вакцинации, состојбите во Европа и Централна Азија, вклучително и во Македонија, се такви што присуството на деца под една година со „нула дози“ е поголемо во урбаните средини и побогатите домаќинства.

Глобалниот извештај дава листа со препораки. Меѓу најрелевантните за Македонија се следниве:
• Да се продолжи со идентификување на сите невакцинирани деца и истите да се вакцинираат, особено оние кои пропуштија вакцинации за време на пандемијата на ковид-19.
• Да се зајакне довербата во вакцините и побарувачката, вклучително и преку тесна соработка со локалните заедници со цел решавање на нивните потреби и грижи поврзани со вакцинацијата.
• Да се даде приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита.
• Да се изградат отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје