Нештата не одеа баш по планот на „Невралинк“ со првиот пациент со вграден мозочен имплант бидејќи, како што признаа од компанијата, жиците во мозокот на пациентот се разлабавиле и го деградирале квалитетот на сигналот на имплантот.
Ова не беше целосно непредвидено. Лекарите претходно предупредија за опасноста за пациентите поради недостигот на транспарентност на „Невралинк“. Така, по првиот неуспех, Илон Маск сега бара втор доброволец кој би се согласил да му биде вметнат експериментален имплант во мозокот.
-„Невралинк“ прима апликации за втор учесник. Ова е нашиот кибернетички мозочен имплант кој ви овозможува да ги контролирате телефонот и компјутерот со мислите - напиша Маск на „Х“.
Можеби ова звучи бомбастично, но според она што досега го истакна Ноланд Арбо, првиот волонтер, тие тврдења се вистина. Тој останал парализиран по сообраќајна несреќа во 2016 година, а имплантот му овозможил дури и да игра игри. Тој неодамна изјави дека имплантот му го сменил животот и кога дошло до дефектот плачел. Од „Невралинк“ го промениле алгоритамот за да вратат некоја функционалност, но не е јасно што ќе се случува понатаму.
Сепак, Арбо би сакал надградување и се надева дека тоа ќе се случи во блиска иднина.
Извор:
Futurism
Фото: Freepik