X
 20.11.2019 Наука

Научниците потврдија дека има водена пареа над површината на сателитот Европа

Истражувачи од Центарот за вселенски летови „Годард“ при НАСА потврдија дека имало траги од водена пареа над површината на ледената Јупитерова месечина, Европа.

И тоа е голема работа бидејќи малата вселенска карпа е една од најприоритетните мети во потрагата по вонземен живот на НАСА.

- Иако научниците сè уште не детектирале течна вода, го најдовме следното најдобро нешто: вода во форма на пареа - истакна Лукас Паганини, водечки истражувач и планетарен научник во НАСА.

Според трудот објавен во списанието „Нејчр астрономи“, тимот на НАСА открил доволно водена пареа која се испушта од Европа со која би можело за неколку минути да се наполни олимписки базен.

Од 17 опсервации направени од опсерваторијата „Кек“ во Хаваи, која користи спектограф за да го детектира хемискиот состав на атмосферите на другите планети преку скенирање на инфрацрвената светлина што ја испуштаат или апсорбираат, научниците забележале водена пареа само во една.

Паганини наведува дека тие сметаат оти испарувањето на Европа се случува на пониски нивоа од претходно проценетите, со само ретко локализирани настани на силна активност.

Долги години научниците се сомневаа дека има вода на површината на Европа и неколку опсервации изгледа ги поткрепуваат тие сомнежи.

Пред повеќе од две децении вселенскиот брод „Галилео“ на НАСА нашол докази за електроспроводлива течност на површината на сателитот. Потоа, анализа од 2018 година пронајде докази за масивни количини течности. Податоците што претходно беа собрани од телескопот „Хабл“ го потврдија постоењето на течноста.

- Но, на крајот ќе мораме да се доближиме до Европа за да видиме што навистина се случува - истакнува Ави Мандел, планетарен научник при „Годард“.

Токму таква мисија е во план. Идната мисија на НАСА наречена „Европа Клипер“ е предвидено одблиску да ја погледне површината на ледениот сателит во 2023 година. Вселенскиот брод ќе носи камери, спектрометри и радар за да ја испита дебелината на ледената обвивка на Европа во текот на 45. прелети.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука