Дали некогаш сте се запрашале дали главоболката ви е предизвикана од чашата црвено вино што ја испивте претходно? Одговорот на ова прашање веројатно е: да!
Томас Берк, невролог и асистент-професор на медицинскиот факултет при Универзитетот на Њујорк, вели дека повеќе истражувања покажале дека одредена храна или пијалаци може да предизвикаат мигрена.
Над една милијарда луѓе во светот имаат мигрени. Разликата помеѓу обичната главоболка и мигрената е поврзана со времетраењето на болката. Главоболката може да трае часови или денови, додека мигрената се смета за невролошко заболување.
Освен тоа, јачината на болката се разликува кај двете. Над 90% од луѓето што имаат мигрени изјавиле дека не се способни за работа или какви било активности кога имаат напад на мигрена. Од друга страна,
главоболката е вид болка што се јавува во пределот на главата, а има 120 различни вида главоболки, во кои е вклучена и мигрената, објаснува Берк.
Мигрената најчесто се јавува како силна и мачна болка, најчесто на една страна од главата, и може да трае од 4 до 72 часа. Други симптоми може да бидат чувствителност на светлина, звук и мирис, повраќање, гадење и проблеми со видот.
Фото: Pixabay
Што може да предизвика мигрена?
Не постои една универзална состојка или пијалак што предизвикува мигрена и сите пациенти може да имаат тешкотии по јадењето или пиењето различни работи. Според искуството на Берк, ова се најчестите прехранбени производи и пијалаци што предизвикуваат мигрени кај неговите пациенти:
1. Кофеин
2. Алкохол
3. Адитивот натриум глутамат што се користи за подобрување на вкусот
4. Чоколадо
5. Нитрати и нитрити што се користат во месните производи
6. Вештачки засладувач аспартам
7. Старо сирење
8. Солена храна
За да се одбегнат мигрените предизвикани од храната и пијалаците, се препорачува редовно јадење здрава храна и одбегнување на производите споменати од страна на Берк. Се препорачува и квалитетен сон и намалување на стресот преку вежбање или медитација.
Автор: Марџи Зејбл Фишер
Извор:
insider.com