Властите на Буенос Аирес им дадоа на американските власти листа од околу 13.000 лица што се водат како должници за алиментација, со цел да им се спречи влез на натпреварите од Светското првенство во фудбал во 2026 година.
Станува збор за лица кои се наоѓаат во Регистарот на јавни должници за алиментација на градот Буенос Аирес, а кои, според наводите на тамошните власти, не ги подмируваат обврските кон своите деца.
Градоначалникот на Буенос Аирес, Хорхе Макри, порача дека оние што не ја исполнуваат основната обврска кон децата мора да ги сносат последиците.
- Ако не ги исполнуваат обврските кон своите деца, нема да влезат на стадион - рече Макри, образложувајќи ја мерката.
Овој систем во Буенос Аирес веќе се применува на стадионите и масовните настани. При влез на спортските и културните манифестации, документите на посетителите се проверуваат преку базата на податоци, а на оние што се наоѓаат во регистарот на должници може да им биде забранет влез.
Според аргентинските медиуми, базата на податоци со повеќе од 13.000 должници е вклучена во програмата „Трибуна сегура“, која се користи за безбедносни проверки на стадионите, а сега е ставена на располагање и за потребите на Светското првенство во 2026 година, кое се одржува во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
Засега нема официјална потврда од американските власти или од ФИФА дека оваа мерка навистина ќе се применува на влезовите на стадионите во текот на Мундијалот. Американските медиуми кои ја пренесоа веста наведуваат дека не е јасно дали САД ќе преземат конкретни чекори во врска со забраната за влез на натпреварите.
Соединетите Американски Држави, одвоено од овој случај, неодамна ги заострија мерките кон лицата што должат алиментација. Американскиот Стејт департмент наведува дека на лицата што должат повеќе од 2.500 долари за алиментација може да им биде одбиено издавањето пасош, а важечкиот пасош може да биде отповикан.
Фото: magnific