X
 21.02.2019 Живот

Луда петиција: Американци сакаат да ѝ ја продадат Монтана на Канада за еден билион долари

Во февруари американскиот национален долг достигна 22 билиони долари, број кој ги нагласува степенот и обемот во кој заемите на владата ја надминуваат сумата на даночните приходи. А што дала сојузната држава Монтана во текот на многуте години во кои националниот долг излегувал од контрола? Ништо.

Токму поради тоа има петиција со која се бара продажба на оваа сојузна држава на Канада за 1 билион долари.

- Имаме премногу долгови и Монтана е бескорисна - истакнува Иан Хамонд, кој ја предводи петицијата.

Во вторникот петицијата ја потпишале 8.666 лица. Целта на петицијата е собирање 10.000 потписи. Некои од оние што ја поддржуваат петицијата се од Монтана.

Монтана многу ретко е во центарот на вниманието. Кога се споменува оваа сојузна држава, фокусот обично е на она што ѝ недостига: луѓе, големи градови, спортски тимови и американски претседател кој се родил таму. Но, што има Монтана? Туристички сектор вреден околу 5 милијарди долари кој се темели на атракции како националните паркови Јелоустоун, Глечер и езерото Флотхед, кое е едно од најголемите во земјата.

Без разлика дали тоа им се допаѓа на Американците или не, веројатно не вреди да се продава Монтана - делумно затоа што тој еден билион нема да направи голема промена кога станува збор за националниот долг.


Фото: BigThink

А колку всушност е важен националниот долг?

Накратко, националниот долг се сите пари што владата ги позајмила за да ги финансира операциите надвор од она што го собрала во форма на даночни приходи. Дел од овој долг е во „сопственост“ на странски земји, како Кина, но поголемиот дел всушност е на Американците - Федералниот резервен систем, банки, заеднички фондови, компании за осигурување, индивидуални инвеститори итн.

Големината и брзорастечката природа на националниот долг често ги загрижуваат Американците. Националниот долг на САД веројатно се зголемил за илјадници долари додека да ја дочитате реченицава. Но, има ли причина за загриженост? Тоа зависи од тоа кого прашувате. Многу економисти стравуваат дека сè поголемиот долг е темпирана бомба која на крајот ќе експлодира и ќе ја исфрли економијата од колосек, а некои економисти, пак, велат дека со толку ниски каматни стапки, владата не треба да се грижи за намалување на дефицитот, барем не сега.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот