Тим Берглинг, познат под името Авичи, еден од најпопуларните диџеи на денешницата, почина вчера на 28-годишна возраст. За смртта извести неговиот издавач, иако не даде детали за тоа како настанала.
Сепак, во ваквите моменти добро е човек да се фокусира на животот, а за својот живот Авичи имал што да каже.
„Беше лудо патување. Започнав на 16 години, а на првата турнеја отидов на 18 години. Оттогаш сум 100 отсто посветен. Кога ќе се навратам на животот, не можам а да не помислам: ’Дали навистина јас ова го направив?‘ На некој начин тоа беше најдобар период, меѓутоа, со голема цена - многу стрес и анксиозност. Сепак, тоа беше најдоброто патување во мојот живот“, изјави Авичи во 2016 година за магазинот „Билборд“.
Истата година, поради здравствени причини, поточно поради акутен панкреатитис, Авичи се повлече од јавната сцена и повеќе не настапуваше. Се верува дека болеста делумно била предизвикана поради прекумерното консумирање алкохол и дека во 2014 година Авичи имал операција со која му биле отстранети жолчното ќесе и слепото црево. Познатиот диџеј претходно се борел со зависност и двапати бил хоспитализиран поради проблеми поврзани со алкохолот. Сепак, во едно интервју истакнал дека никогаш не зел дрога МДМА или моли, за кои се знае дека се популарни меѓу луѓето што ја сакаат неговата музика.
За неговиот живот е снимен и документарецот „Авичи: Вистинска приказна“, во кој се забележани моментите од 2013 до 2016 година, па и моментот кога австралиските доктори му соопштуваат дека ќе мора да му го извадат жолчното ќесе. Популарниот диџеј го промовира документарецот на неговиот фејсбук-профил, каде што напишал:
„Многу сум возбуден и нервозен бидејќи има и непријатни моменти. Доста е лично. Има подеми и падови. Ќе биде интересно да се види што ќе кажат луѓето“.
Без сомневање може да се каже дека Авичи беше пионер на современото електронско движење и редок диџеј способен за турнеја низ цела планета. Беше неизоставен дел од листата со диџеј-продуценти како Дејвид Гета, Калвин Херис и Свидиш хаус мафија. Се случувало Авичи да заработи и 250.000 долари за една ноќ кога пуштал музика на распродадени настапи, а магазинот „Форбс“ го имаше прогласено за најплатен диџеј.
Иако престанал да настапува од 2016 година, тој во студиото продолжил да создава песни со многу светски популарни музичари, како Мадона и групата „Колдплеј“. Освоил две награди „Ем-ти-ви“, една „Билборд“ и двапати беше номиниран за „Греми“. Веста за неговата смрт стигна по само неколку дена откако беше номиниран за Билборд-награда во категоријата најдобар денс/електронски албум за „Авичи (01)“ што го објавил во август минатата година.
„Музиката е она за кое живеам, за што чувствувам дека сум роден да го работам. Минатата година престанав со настапи и многу од вас помислија дека завршив, но тоа не значеше крај ниту за мене ниту за мојата музика. Наместо тоа, се вратив на местото каде што сè има смисла - во студиото. Следното поглавје ќе биде само за мојата љубов кон тоа за вас да создавам музика. Почеток на нешто ново“, изјави
Авичи во една пригода.