X
 21.06.2023 Наука

Откриена врска помеѓу неандарталците и болест која ја имаат многу Европејци

Човечките гени кријат многу тајни, а една од нив се чини дека е врската помеѓу нашите предци и болестите кои се појавуваат денес. Имено, истражувачи од шведскиот институт „Каролинска“ откриле дека лицата кои носат неандерталски гени во својот генетски код се посклони кон развивање на Дупуитренова болест, позната и како „Викиншка болест“.

Станува збор за болест која почесто се јавува кај мажите во повозрасна возраст, а се манифестира како грутка на дланката која расте и предизвикува „заклучување“ или „замрзнување“ на еден или повеќе прсти во свиткана положба. До една третина од мажите во Северна Европа над 60-годишна возраст страдаат од оваа болест. Ова е една од причините поради која таа се нарекува „Викиншка болест“.

Истражувачите во студијата предводени од Хуго Зеберг од институтот „Каролинска“ и Сванте Пабо од институтот „Макс Планк“, идентификувале 61 генетски фактор на ризик за развојот на болеста, од кои три биле наследени од неандерталците. Како што истакнуваат научниците, ова е уште еден доказ дека мешањето на неандерталците и првиот хомо сапиенс имало важни последици врз генетскиот код на денешните луѓе.

- Ова е случај кога средбата со неандерталците влијаела на тоа кој боледува од болеста - објасниле научниците.

Претходна студија откри дека само седум отсто од гените на современите луѓе се единствени за хомо сапиенсот. Сите други гени сме ги добиле од претходните предци како неандерталците и другите пралуѓе.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука