Унификуваниот училишен округ во Лос Анџелес, втор по големина во САД, гласал за забрана на мобилните телефони во училниците, во сите училишта во округот. Ова е најдалекосежната ваква одлука потврдена во САД досега, а гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потоа ги повикал и сите други области и училишта во таа сојузна држава да го сторат истото.
„Децата нека бидат деца“
Одлуката за забрана за користење мобилни телефони во училниците ќе биде воведена на почетокот на следната година, а надлежните велат дека нејзината основна цел е да се зачува успехот на учениците во училиштето и општата благосостојба. Како еден од аргументите во прилог на забраната биле наведени студии кои покажуваат дека употребата на мобилни телефони и особено социјалните мрежи има негативно влијание врз учењето, го преокупира вниманието на младите, но и негативно влијае на нивните меѓучовечки односи.
Одговорните се надеваат дека укинувањето на мобилните телефони ќе придонесе за подобри резултати на учениците, нивно поголемо фокусирање на часовите и за подобрување на меѓусебните односи. „Децата нека бидат деца“ е пораката од комисијата која гласала за забраната.
Пред да го применат во пракса, училишните одбори ќе се обидат да го откријат најдобриот начин за спроведување на забраната. Некои од предлозите сугерираат мобилните телефони да се заклучат во посебни прегради на почетокот на часовите и да им се вратат на учениците на крајот од часовите. Покрај Калифорнија, слични иницијативи се појавуваат и низ остатокот на САД, во Европа, па дури и во регионот. Некои веќе посочуваат дека голема кампања може да биде успешна во решавањето на зависноста од мобилни телефони, како што беше, на пример, онаа против пушењето во САД.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik