X
 21.08.2018 Економија

Најбогатата фамилија во светот тежи 163,2 милијарди долари

По објавата на „Валмарт“ за најдобрите резултати во продажбата во последните десет години и растот на вредноста на акциите на компанијата за 10 отсто, богатството на основачите, семејството Валтон, се зголеми за 11,6 милијарди долари. Така, фамилијата Валтон, која е најбогата фамилија во светот, сега тежи 163,2 милијарди долари.

Фото: CNBC

Кога Сем Валтон го отворил првиот дуќан на „Валмарт“ во 1962 година, мислел дека ќе води мала локална продавница, но многу брзо ја променил првичната идеја. Поголемите амбиции го довеле до компанијата која сега има повеќе од 12.000 продавници и која денес е најголема светска компанија според приходите.

„Валмарт“, според листата на светските најголеми компании на „Фортјун“, бележи приходи од 500,3 милијарди долари. Потоа следуваат „Ексон Мобил“, кој има дури и повеќе од половина помали приходи (244,4 милијарди долари), па „Беркшир Хатавеј“ со 242,1 милијарди долари, „Епл“ со 229,2 милијарди долари приходи и на крајот е „Јунајтед хелт груп“ со приходи од 201,2 милијарда долари.


Десетте најбогати фамилии во светот
Фото: Novac

Токму поради тоа, династијата Валтон, која поседува околу 50 отсто од уделот во компанијата, се наоѓа на самиот врв на листата на „Блумберг“ со најбогати фамилии во светот, со богатство кое го надминува и она на Џеф Безос (151 милијарда долари).

„Форбс“ прогнозира дека фамилијата Валтон ќе биде првата фамилија во историјата вредна 200 милијарди долари. Освен тоа, секој наследник на Сем Валтон се наоѓа и на листата со 20 најбогати луѓе на светот.

На пример, Џим Валтон „тежи“ 46,4 милијарди долари и е 11-тото најбогато лице во светот, а неговиот брат Роб е само четири места подолу со приходи од 46,2 милијарди долари. Нивната сестра Алис, иако има пониски приходи од нив (46 милијарди долари), оваа година ја доби титулата најбогата жена во светот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија