X
 21.09.2021 Наша тема

ПМФ воведе нова насока на студии - Физичка географија со геоекологија

Овие студии имаат цел да формираат кадри во сферата на физичката географија со геоекологија, каде што користејќи соодветна методологија, теренски активности и современа технологија, ќе добиваат знаења со голема практична и применлива вредност. Поконкретно, вака обучените кадри може успешно да работат во повеќе институции и министерства, Центар за управување со кризи, во локалната самоуправа, во разни проектантски организации, медиуми, агенциски институции и други разни информативни дејности, информира проф. Ивица Милевски од ПМФ


Оваа учебна година на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, една од најстарите високообразовни институции во Македонија, на првиот циклус студии почна да функционира насоката Физичка географија со геоекологија. Во текот на студирањето на оваа насока студентите, преку модерно осмислени предметни содржини, ќе се стекнуваат со знаења што може да се применат во повеќе области. Главната цел на оваа насока произлегува од актуелноста на физичко-географската и геоеколошката проблематика, не само во Македонија туку и во Европа и пошироко. Физичката географија ги опфаќа природно-географските компоненти, како што се релјефните, геолошките, климатските, хидрографските, почвените, биогеографските, нè информира професорот Ивица Милевски од ПМФ, кој е и раководител на Заводот за физичка географија.

- Да не заборавиме дека најдобрите светски климатолози биле или се географи. Добар климатолог не може да се биде без да се познаваат географијата, просторот, природно-географските фактори и др. Оттука се наметна потребата за основање на оваа насока - вели Милевски.


Проф. Ивица Милевски

Оние што ќе ги завршат студиите ќе добијат звање дипломиран географ по физичка географија со геоекологија или физички географ-геоеколог.

Ќе се посвети внимание на ерозија, климатски промени, геонаследство, геоекологија

Природно-географските компоненти имаат извонредно силна меѓусебна поврзаност и интеракција (на пример, климата влијае врз хидрографијата, релјефот, почвите и др., релјефот влијае врз климата, почвите и сл.), но и се многу важен ресурс за населението, стопанскиот развој и просперитетот на некој простор, регион, држава.

- За жал, поради несоодветниот (запоставувачки, игнорантски или потценувачки) однос на човекот кон физичко-географските компоненти, тие сè повеќе се загрозуваат, деградираат и уништуваат, а и самите стануваат потенцијална опасност за човекот. На насоката Физичка географија со геоекологија, која е од модуларен тип, во првите три години главно ќе се изучуваат општи географски предмети. Тежиштето на насоката ќе биде во четврта година од студиите со посебен акцент на предмети од физичката географија, како што се: геоморфологија, климатологија, хидрологија, физичка географија на Македонија и други. Особено внимание ќе им биде дадено на современите, актуелни и динамични процеси, кои претставуваат потенцијален ризик и опасност за човекот, како што се геонепогоди, ерозија, климатски промени, геонаследство, геоекологија и др. - истакнува Милевски.

За подобро разбирање на природно-географските процеси и појави, тој најавува дека ќе се користат најсовремени технологии кои ќе бидат имплементирани преку предметите: Далечинска детекција и Географски информациски системи.

- Тоа подразбира анализа и обработка на слободно достапни сателитски снимки и дигитални висински (теренски) модели, со помош на софистицирани софтверски пакети. Во оваа пригода треба да споменеме дека Институтот за географија располага со модерна компјутерска училница, но и со опрема за практично-теренска работа, како што се ГПС-уреди, дронови, ласерски мерачи и др. - потенцира професорот Милевски.



Веќе ги имаме првите студенти

Со оглед на тоа што насоката Физичка географија со геоекологија се отвори неодамна, се прават напори за подобро запознавање и промоција на оваа насока, а веќе ги имаме и првите идни студенти.
- Согласно актуелната проблематика и модерно-конципираната програма на насоката, се надеваме дека ќе има перманентен интерес за студирање. Тоа е од причина што природно-географските елементи, појави и процеси ќе добиваат сè повеќе на значење во идниот период. Инаку, наша цел нема да биде квантитетот, туку квалитетот на студиумот и стекнатите знаења и вештини на идните дипломирани кадри - вели професорот.

Идејата за отворање ваква насока на Институтот за географија е присутна подолг временски период, уште од 90-тите години на минатиот век.

- Во 80-тите години на нашиот Институт, покрај наставна, постоеше насока Применета географија каде што се изучуваа повеќе физичко-географски дисциплини. Едновремено, во светски рамки се зголеми интересот за вредното геонаследство. Така, од почетокот на овој век низ Европа и низ светот се формираа голем број геопаркови, како современ начин на заштита, промоција и одржливо искористување (главно преку геотуризам) на вредните геоподрачја. Токму со такви уникатни подрачја изобилува и нашата држава. Ваквите геопаркови често се носители на развојот, особено доколку се наоѓаат во слабо развиените подрачја - дополнува Милевски.

Студентите ќе добијат знаење за третман на свлечишта, поплави


Мошне значајно внимание ќе биде дадено на создавањето, еволуцијата, заштитата и менаџирањето со геоморфолошките (релјефни) ресурси, како што се карстните системи (пештери, пропасти, карстни полиња и др.), кои се многу чувствителни на антропогени влијанија (преку предметите Геоморфологија и Карстологија). Важно место во насоката ќе има изучувањето на хидролошките појави и водните ресурси, потоа климата и метеоролошко-климатските компоненти и сл.



- Исто така, драстично се зголеми свеста за потребата од зачувување и правилно користење на корисните водни ресурси, кои ги имаме сè помалку. Сведоци сме дека во последните децении светот, но и нашата држава се судира со сè поизразени и пожестоки природни непогоди. Делумно тие се резултат на климатските промени, но и на несоодветната активност на човекот во природата. Како последица се јавуваат сè поголеми материјални штети, па дури и човечки жртви. Во таа смисла, студентите на насоката физичка географија со геоекологија ќе добијат знаење и вештини за идентификација, моделирање и издвојување на подрачја со потенцијални геонепогоди (свлечишта, ерозија, поплави и др.), нивен просторно-планерски третман и др. Исто така, тие ќе можат сеопфатно да ги согледаат причините, ефектите и последиците од климатските промени на локално и на глобално ниво. Токму наведеното беше еден од основните мотиви за креирање на насоката Физичка географија со геоекологија - објаснува професорот.

Специфична цел на насоката Физичка географија со геоекологија е да се овозможи поголема изборност на предметите, во согласност со потребите и идниот професионалниот ангажман на студентите. Истовремено, со воведувањето нови, современи предмети ќе се овозможи поголема конкурентност на кадрите кои ќе произлезат на пазарот на трудот.

Со современа технологија до поголема практична и применлива вредност

Овие студии имаат цел да формираат кадри во сферата на физичката географија со геоекологија каде што користејќи соодветна методологија, теренски активности и современа технологија, ќе добиваат знаења со голема практична и применлива вредност.

- Со оглед на фактот дека дипломираните студенти од оваа програма ќе се стекнат со знаења од разни природни дисциплини (геоморфолошки, геолошки, климатолошки, хидролошки, биогеографски, педолошки, картографски) од областа на геоекологијата и од современите геоинформациски технологии, слободно можеме да констатираме дека вака образованите кадри ќе бидат спремни за конкретни ангажмани во сферата на разни владини и невладини институции кои се занимаваат со природата, научноистражувачка работа, анкетирања, евиденции, чување, презентирање и управување со проблеми од географијата и нејзини сродни дејности. Поконкретно, вака обучените кадри може успешно да работат во повеќе институции и министерства, Центар за управување со кризи, во локалната самоуправа, во разни проектантски организации, медиуми, агенциски институции и други разни информативни дејности - вели Милевски.



Важно е да се напомене дека насоката физичка географија со геоекологија е конципирана во согласност со најсовремените програми од физичка географија на врвните европски универзитети.

- Наставата на оваа насока ќе ја изведуваат 15-ина реномирани професори со долгогодишна и успешна научноистражувачка активност во Македонија и пошироко. Теренските екскурзии, истражувања и активности ќе имаат значајно место во наставата за добивање практични знаења. Во таа смисла, се надеваме дека оваа нова насока на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет – УКИМ, во Скопје, ќе им го привлече вниманието на младите, желни за најсовремени знаења за природните географски компоненти и користење најсовремена технологија при нивното изучување - завршува тој.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема