X
 21.10.2024 Наша тема

Валентина Каранфиловиќ, најдобар наставник во средно: „За учениците сум достапна преку социјалните мрежи, и за викенди и празници да прашаат ако не им е јасно“

„Да се врати старата програма во основните училишта за да можеме да го надградуваме знаењето на учениците кога ќе дојдат во средно, а не да почнуваме од нула“, апелира таа.

Валентина Каранфиловиќ, професорка по математика во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, по повод Светскиот ден на учителот, беше прогласена за најдобар просветен работник во средно образование од страна на Сојузот на просветни работници во Македонија. Таа предава математика цели 24 години, најпрво во средното земјоделско училиште „Киро Бурназ“, а од 2002 година во кумановската гимназија. Вели дека мотото на нејзината работа е да биде достапна за учениците не само за време на редовните и дополнителните часови, туку и во другите делови од денот, па и за викенд и празници.

- Со секој клас имаме направено групи на социјалните мрежи во кои прашуваат за нејасни задачи, особено кога се подготвуваат за тест или писмена. Во таа група сум им достапна секогаш, и за викенди и за празници, не мора да го чекаат редовниот час или часот за дополнителна настава. Учениците што се на домашно лекување подолг период ги вклучувам на „Тимс“, во време кога нивниот клас има час за да не пропуштат ништо од материјалот - вели Каранфиловиќ.



Важно е учениците да не кренат раце од математиката

На часовите работи на смарт-табла со таблет за пишување, со што се заштедува многу време, се решаваат повеќе задачи и цртежите се повизуелни. Лекциите ги приспособува и ги објаснува на начин соодветен за учениците. Користи споредби, дава примери од секојдневниот живот, ги активира логички да размислуваат и ги остава самостојно да решаваат, па и ако згрешат, таа вели „Човекот се учи на свои грешки“. Важно е учениците да не кренат раце од математиката.

- Тешка е како наука, ама ако се сака, може да се постигне. За жал, поголем дел од нив креваат раце, не им оди и толку. И уште ако ги слушнат родителите како зборуваат дека ни ним не им одела математика, толку од напорот. Уште на првиот час им кажувам дека нема некој што не може да ја научи математиката, само треба да се труди, да внимава на часовите и да прашува сѐ што не му е јасно. Мене не ми е тешко да повторувам, да објаснувам, особено ако ги гледам дека навистина се заинтересирани - додава професорката.

Се откажала од медицината за математиката

Таа како пример ја посочува својата животна приказна. Иако се подготвувала да студира медицина, на крај се откажала од таквиот план и завршила математика.

- Прво конкурирав на Медицинскиот факултет. Завршив биотехнолошка струка во гимназијата и малку и по желба на родителите, полагав приемен на Медицинскиот факултет. Но, бев во квотата со кофинансирање, а тогаш студиите беа многу поскапи отколку сега, а јас како дете од семејство во работничката класа, не сакав дополнително да го оптоварувам домашниот буџет. Сопругот (сегашен) ме убеди да одам на математика бидејќи тој беше наставник по математика и ми вети дека ќе ми помага. Така од една струка, со по шест биологии во трета и четврта година, а со математика од само два часа неделно, јас отидов во спротивна насока и полагав математика и физика на вториот рок и бев примена. Многу повеќе труд вложував за разлика од другите студенти што се насочиле кон математиката уште во средното образование, ама успеав да постигнам. Вака е подобро бидејќи сум преемотивна да бидам лекар. Некогаш животот сам си ги склопува коцките, а во мојот случај тоа го направи на најдобар можен начин. Задоволна сум со мојата професија и не би ја менувала за ниедна друга - вели Каранфиловиќ.



Поддржана од работниот актив

Речиси две и пол децении работи посветено на професијата. Поминала многу обуки и семинари, се стекнала со сертификати, а учениците под нејзино менторство освоиле многу награди на државни натпревари и меѓународни олимпијади.

- Да се биде истакнат просветен работник, значи и многу откажувања, особено од времето поминато со семејството. Да се добијат сите тие сертификати, значи многу ангажираност надвор од работното време, во викенди и на празници. Но, успевам некако да избалансирам - вели таа.

Додава дека има многу просветни работници што би требало да ја носат оваа титула, ама не се пријавиле на конкурсот. Идејата таа да конкурира потекнала од нејзиниот актив, а благодарна е што ја поддржале професорите во гимназијата.

- Се радувам за тоа што вложениот труд сите овие години некој успеал да го види и вреднува, но се разбира дека признанието не ми беше целта низ сите овие години. Задоволство ми беше посетата на сите тие семинари, обуки, менторства, бидејќи секогаш имаше да се слушне и научи нешто ново што можеме да го примениме во работата - објаснува Каранфиловиќ.

Учениците порано доаѓаа во средно со многу предзнаења, сега не знаат што е множество

Како долгогодишен професор, таа смета дека кога се прават реформи во образованието, треба да се консултираат и просветните работници кои ги спроведуваат тие реформи, а не реформите да ги прават луѓе што немаат стапнато во училница. На нашето прашање што треба да се промени во македонското образование, вели дека треба да се врати старата програма за основните училишта и да се подобри односот на некои родители кон наставниците.

- Порано учениците доаѓаа со големи предзнаења, особено во прва година, па сето она што не успеале да го научат во основно, го учевме, а другото го повторуваме. Сега учениците од прва година не знаат што е множество. Тоа би го променила. Да се врати старата програма во основните училишта за да можеме да го надградуваме нивното знаење, а не да почнуваме од нула.
Треба да се промени и односот на родителите кон наставниците. Тие нѐ гледаат како непријатели, особено кога ќе напишеме слаба оценка. Но не е така. Ние, наставниците, сме им сојузници, заедно ги воспитуваме, заедно ги советуваме и им помагаме од нив да излезат добри луѓе. Оценките се најмалку важни, битно е да ги оформиме како личности, од тоа ќе имаме придобивки сите, и родителите и ние наставниците и целото општество - вели Каранфиловиќ.

Покрај неа, признание за најдобар просветен работник во средно образование ѝ беше доделено и на Наташа Божиновска од СЕТУГС „Михајло Пупин“.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема