X
 30.11.2023 Живот

За акутен коронарен синдром - дијагноза и третман, објаснува д-р Емилија Лазарова-Трајковска

Што е акутен коронарен синдром?

Акутен коронарен синдром (АКС) е потенцијално опасна за живот состојба која се јавува како резултат на комплетно или делумно затнување/блокирање на коронарен крвен сад со последователно забавување или прекин на протокот на крв во срцето. Вообичаени знаци се стеглива градна болка или притисок во градите, отежнато дишење, замор, вртоглавица, срцебиење, понекогаш и гадење и повраќање. АКС е итен медицински случај кој бара итна помош. Навремениот третман е важен за да се олеснат симптомите и да се спречат компликации. Ако мислите дека имате срцев удар, земете аспирин и веднаш јавете се на 192.

Како се манифестира АКС?

Постојат 3 типа АКС:
-Нестабилна ангина: Ова вклучува ненадејна, неочекувана болка или притисок во градите, дури и додека се одмарате. Тоа е предупредувачки знак за срцев удар и се јавува кога стабилната ангина се влошува.
-Миокарден инфаркт без СT-елевација (НСТЕМИ) е срцев удар што може да се дијагностицира со тестови на крвта и со неспецифични промени на електрокардиограмот (ЕКГ) во прилог на СТ-депресија и/или негативни Т-бранови. Тоа значи дека вашите коронарни артерии не се целосно блокирани или биле блокирани за кратко време.
-Миокарден инфаркт со СT-елевација (СТЕМИ) е многу потежок срцев удар што може да се дијагностицира со тестови на крвта и типични ЕКГ-промени ( СТ елевација). Тоа се случува кога протокот на крв во вашето срце е целосно блокиран долго време, што резултира со потенцијално изумирање на миокардното ткиво ако во рок од неколку часа (максимум до 6 часа) не се отвори затнатиот крвен сад.

Кои се ризик-факторите за АКС?

Постојат модифицирачки и немодифицирачки ризик-фактори. Модифицирачки, на кои можеме да влијаеме, се: пушење, хипертензија, висок ЛДЛ-холестерол, дијабетес мелитус, гојазност, физичка неактивност, храна богата со заситени маснотии и др. Немодифицирачки се пол (машки) до 50 години и жени во менопауза, напредната возраст и фамилијарна предиспозиција.

Што го предизвикува акутниот коронарен синдром?

Вашето срце е мускул на кој му треба постојан проток на крв богата со кислород за да функционира, а коронарните артерии и нивните помали садови ја снабдуваат оваа крв.

Понекогаш, постепеното таложење на масти и холестерол (наслаги) ги стврднува и стеснува вашите артерии (атеросклероза). Акутен коронарен синдром може да се појави ненадејно кога оваа атеросклеротична плоча се кине или се расцепува, при што згрутчување на крв (тромб) се формира над отворот, стеснувајќи го или блокирајќи го протокот на крв во дел од миокардот (срцевиот мускул). Срцето не може да добие доволно кислород. Недостигот на кислород (исхемија) го оштетува срцевиот мускул, што доведува до нестабилна ангина или инфаркт (срцев удар).



Како се дијагностицира акутниот коронарен синдром?


При појава на гореспоменатите симптоми, пациентот веднаш треба да се јави на лекар, каде што сомнението за АКС се поставува со физикален преглед, тестови на крвта и ЕКГ. Дополнителни испитувања кои најчесто помагаат за диференцирање на состојбата се ехокардиографија и коронарна ангиографија. Во некои нејасни случаи може да се користат и КТ коронарна ангиографија, миокардна перфузиона сцинтиграфија, магнетна резонанса на срце, скенирање на срцето со скрининг на калциум и др.
Акутниот коронарен синдром е медицински итен случај. Ако резултатите покажат дека протокот на крв во срцето е блокиран, потребно е третманот да биде итен и неодложен.

Како се третира АКС?

-Антикоагуланси (нефракциониран хепарин или нискомолекуларен хепарин), антиагреганси (аспирин со клопидогрел / тикагрелор / прасугрел), се даваат за разбивање тромби или спречување на нивното формирање.
-Инхибитори на ангиотензин-конвертирачки ензим (AКE) за намалување на крвниот притисок.
-Бета-блокатори за регулирање на крвниот притисок и забавување на отчукувањата на срцето.
-Нитроглицерин за подобрување на протокот на крв и ублажување на болката во градите. Исто така, може да се користат аналгетици и опиоиди.
-Статини за намалување на холестеролот во крвта.
-Лекови за разбивање на згрутчувањето (тромболитици) за растворање на згрутчување на крвта во првите 12 часа по срцев удар.
-Златен стандард во третманот на АКС е перкутана коронарна интервенција со балон дилатација и/или имплантирање стент, за отворање на блокираниот коронарен крвен сад.
-Во некои случаи кога постои наод на затнати повеќе коронарни крвни садови се препорачува коронарен артериска бајпас ( CABG) за да се создаде нов пат за проток на крв.



Како можам да го намалам ризикот од развој на АКС?

Промените во здравиот начин на живот може да помогнат во намалувањето на факторите на ризик за АКС и други кардиоваскуларни состојби. Препораките вклучуваат:
-Прекин на пушење
-Здрава исхрана за срцето се т.н. медитеранска и ДАШ диети.
-Ограничете ја употребата на алкохол на не повеќе од еден пијалак дневно за жени и два пијалаци дневно за мажи.
-Регулирање на ризик-факторите, како висок холестерол, висок крвен притисок, дијабетес, стрес, депресија и анксиозност.
-Физичка активност. Вежбањето ви помага да изгубите тежина, да ја подобрите физичката кондиција и да го ослободите стресот.

Автор: прим. ас. д-р Емилија Лазарова-Трајковска
Универзитетска Клиника за Кардиологија Скопје

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот