X
 22.03.2022 Наша тема

Младенците ги слават младоста и љубовта, 40 адети за 40 маченици

Овој празник приближно се совпаѓа со пролетната рамноденица и се смета за почеток на пролетта. Во некои места се чистат дворовите и се пали ѓубриштето со цел да се растури злото, односно да се истераат штетните инсекти и други лоши животинки

Денес е Младенци, еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус. Христијански обичај е во првата година од својот брак, на 22 март, младите да слават Младенци. Задолжителен обичај е младите што се венчале годината пред Младенци, на овој ден да одат в црква и да ги запалат свеќите од венчавката за да догорат. Вечерта на Младенци најчесто во домот на младите доаѓаат гости да им посакаат среќа во бракот и желби за новороденче. Во некои случаи на тој ден се оди на гости и во семејствата што имаат новороденче.

Во книгата на Марко Китевски за македонските празници се вели дека празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот да се оди на гости кај младите што стапиле во брак претходната година.
Празникот на пролетта, 22 март, младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината.
Овој празник приближно се совпаѓа со пролетната рамноденица и се смета за почеток на пролетта. Во некои места се чистат дворовите и се пали ѓубриштето со цел да се растури злото, односно да се истераат штетните инсекти и други лоши животинки.



Адети за успешна мажачка и женачка

Во книгата на Зоранчо Малинов, „Традицискиот народен календар на Шопско-брегалничката етнографска целина“. пишува дека со оглед на тоа што во самото име на празникот се состои и бројот 40, во многу предели ова е добар повод да се вршат извесни обичаи во знакот на овој број. Некаде се сучат 40 кори, некаде се прават 40 тиганици. Некаде било адет и да се испијат 40 чашки ракија.

Во Пијанец, Осоговија и Виничко, спроти празникот, младите прават мовче од 40 прачки со верување дека вечерта ќе се сонува личноста со која ќе се омажат/оженат.
Некои откако ќе ги постават 40. Прачки, ќе изговорат: „Кој ми е усреќа, тука по мосто да помине.“
Во Горноџумјско, освен што правеле мовчиња, некои девојки со истата намера под перницата си ставале пченица, а некои го ставале првото залче од вечерата.
Во истиот предел, уште пред изгрејсонце, жените собирале 40 камчиња и ги ставале на разни места во куќата, по ќошињата, во разни садови „за да бегаат оттаму својаците“, односно „за да не црвјосува благината“, т.е. мрсните јадења.

Празникот Свети 40 маченици е особено интересен во градот Штип, каде што православното население масовно се искачува на Исарот. Овде има обичај да се соберат 40 каменчиња, од кои 39 се фрлаат во Брегалница, а 40-тото се чува и се става под перница за да се сонува идниот сопруг/сопруга.
Овој обичај му оставил впечаток и на Ѓорче Петров, кој бил учител во овој град и истото го регистрирал во својата книга.
Во кривопаланечките села, на Младенци се врши обичајот на претставување на младите невести, доведени во текот на изминатата година, слично како што се прави на Тодорица. Свекрвите со своите нови снаи одат в црква, носејќи погача, свеќа, дар, ракија. Снаите се поклонуваат пред црквата и попот, остават дар, бакнуваат рака.


Црквата ги слави 40. маченици


Овој ден православната црква го празнува споменот на Четириесет маченици во Севастија – Младенци, кои маченички загинале за Христовата вера.
Според житието, сите тие биле војници, но цврсто верувале во Господ Исус. Кога настанало гонењето во времето на Ликиниј, тие биле изведени на суд пред војводата и тој им се заканил дека ќе им ја одземе војничката чест, на што еден од нив, св. Кандид, одговорил: „Не само честа војничка, туку и телата наши земи ги од нас; ништо не ни е помило и почесно од Христа, нашиот Бог.“



- Војводата веднаш им наредил на слугите со камења да ги удираат светите маченици. Но кога слугите фрлале камења на христијаните, камењата се враќале и паѓале на нив самите. Еден камен го удрил војводата во лицето и му ги скршил забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзале светите маченици и ги фрлиле во блиското езеро, па поставиле стража наоколу за ниеден да не излезе. Бил страшен студ и езерото се смрзнувало околу телата маченички. За маките да бидат поголеми, мачителите загреале и осветлиле бања на крајот на езерото, на доглед на смрзнатите страдалници за некако да измамат некој од нив да се одрече од Христа и да ги признае римските идоли.

Навистина, еден се измамил, излегол од водата и влегол во бањата, но на самиот влез починал. Ноќта паднала необична светлина од небото. Таа ги загреала водата во езерото и телата маченички. Со неа се спуштиле од небото и 40 венци, иако маченици биле само 39. Ова чудо го видел еден стражар од брегот, па се соблекол, го исповедал името на Господа Исуса и влегол во езерото да би се удостоил со четириесеттиот венец на местото на предавникот. И навистина, врз него слегол последниот венец. Утредента сиот град се изненадил кога ги видел мачениците живи. Тогаш лошите судии наредиле, та им ги прекршиле колената, и телата нивни ги фрлиле во водата за христијаните да не ги земат. Третиот ден мачениците му се јавиле на месниот епископ Петар и го повикале да ги собере нивните мошти. Излегол епископот во ноќна со својот клир и виделе како над водата светат маченичките мошти. Ги собрале и чесно ги погребале во 320 година - пишува во житието за овие маченици.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема