X
 22.04.2021 Наша тема

Со пензија од 200 евра цело семејство живее и се бори со ковид-19. Се собираат донации за витамини за оние што им требаат

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) покрива трошоци само за лекови што се на позитивната листа, а витамините во ниту една земја во светот не спаѓаат во листата со лекови бидејќи тие се суплементи, односно додатоци во исхраната

Витамин Ц, Б, Д3, омега-3, цинк, магнезиум, мелатонин, па и глутатион и ацетилцистеин... се само некои од витамините, минералите и антиоксидансите кои во форма на суплементи треба да ги земаат лицата што боледуваат од ковид-19, најчесто по препорака од нивните матични лекари. Препораките на мнозинството лекари во поглед на подобрувањето на здравјето и имунитетот се дека треба да се внесуваат што повеќе течности, да се јаде здрава храна, да се избегнува шеќер, но и дополнително да се земаат суплементи. Болеста финансиски исцрпи многу семејства, на кои им се потребни и по 100 евра за да ги набават само неопходните суплементи.


Д-р Ненад Лазаров

Матичните лекари што не лекуваат по телефон, туку во ординација, секојдневно прегледуваат по десетици ковид-пациенти и често согледуваат дека не секој од нив има финансиски можности да ги набави овие додатоци во исхраната. Еден од докторите што се соочуваат со 40 ковид-пациенти на дневно ниво е д-р Ненад Лазаров од приватната здравствена установа „Медика Вера“, кој неодамна покрена акција за донација на витамини за граѓаните што не можат да си дозволат да ги купат. Тој на 9 април јавно ги повика сите фармацевтски компании да донираат од своите производи.

- Јас секој ден сум изложен на 40 ковид-прегледи. Гледам и знам дека 80 отсто од популацијата кај нас е на раб на егзистенција. Еве ви еден пример, шестчлено семејство, три деца и тројца возрасни, сите се позитивни, а живеат само од пензијата на бабата од 200 евра. Како тие да купат сè што им треба за да се излекуваат? Само суплементите за нив чинат 200 евра. Верувајте, има многу вакви случаи низ државата. Еден мој пациент, чија сопруга почина од ковид-19, еден ден кај нас во ординација донесе сè што имал од суплементи дома за да му помогне на некој што нема. Си реков, кога може поединец да помага вака, зошто да не можат фармацевтските компании кои направија милиони откако сме во пандемија? Ги повикав јавно да донираат. Ако тие беа општествено одговорни, сами ќе го направеа ова. Акцијата е прилично успешна, донации постојано пристигнуваат, но морам да кажам дека имам огромен одѕив од мали компании пред сè, големите не се покажаа засега – вели д-р Лазаров.




Во неговата ординација се донираат суплементи. Има луѓе што сакаат и пари да дадат, но пари не се прифаќаат. На тие што сакаат да дадат пари Лазаров им вели да донесат клексани и ксарелто, кои исто така се многу потребни во борбата против ковид-19.

Во секој град треба да има по една ваква акција за помош

Д-р Лазаров очекувал во акцијата да се вклучат и други негови колеги-лекари, но тоа не се случило.
- Поентата беше да се вклучат што повеќе матични лекари. Замислете во секој град да има по една ваква акција, колку тоа би им помогнало на оние на кои помош им е навистина потребна. Оваа акција ја терам лично сам, со помош на персоналот од мојата ординација, составен од седум вработени. Се нудат луѓе да помагаат. Речиси две третини од донациите се на рака дадени кај нас, а другото го доставуваме по пошта. Освен ковид-пациенти, го покриваме и секој што е социјално загрозен бидејќи има и самохрани мајки со деца, има случаи во кои цело семејство живее од скромната пензија на бабата или дедото - додава докторот.



Досега се доделени 490 пакети кои содржат сè што му е потребно од суплементи на секој ковид-пациент. По седум-осум препарати има во едно пакетче. Вредноста на едно пакетче е околу 1.300 денари. Акцијата за донирање суплементи ќе трае додека Лазаров и тимот можат да издржат физички.

ФЗО покрива трошоци само за лекови што се на позитивната листа

Зошто државата не обезбедува витамини за болните пациенти од ковид-19? Дали по една година пандемија државата има намера да им помогне на пациентите и дали одговорните во Министерството за здравство (МЗ) сметаат дека е во ред со донации да им се помага на луѓето што се борат со вирусот? Овие прашања им ги поставивме на одговорните во Министерството за здравство, од каде што информираа дека Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) покрива трошоци само за лекови што се на позитивната листа.
- Во ниту една земја во светот витамините не спаѓаат во листата со лекови бидејќи тие се суплементи, односно додатоци во исхраната. Фондот покрива трошоци само за лекови што се на позитивна листа, без разлика дали тие се подигнуваат во аптеката или средствата за нив се побаруваат отпосле, преку рефундација - велат од Министерството.


Фото: приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема